МВР негира дека полициски функционери планирале да малтретираат гласачи

0
26

Категорично ги отфрламе како невистинити сите обвинувања за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, реагираат од МВР по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше решено дека полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на луѓе за изборите.

„Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во кој било друг град не се координираат преку вибер групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“, се наведува во соопштението на МВР

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на прес-конференција рече дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група. Според ВМРО-ДПМНЕ во групата имало над 40 полицајци.

Од МВР велат дека започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите.

Од СДСМ се оградуваат од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори.

„СДСМ води искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори“, реагираат од партијата.