МЗ: Една четвртина од заразените со ковид-19 биле вакцинирани со две дози

0
16

Во период од 6 август до вчера, се потврдени 40.208 граѓани позитивни на ковид-19, од кои 25 отсто биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица. Според статистика за изминативе два месеца, 30.142 граѓани, односно 74,9 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Од вкупно 1.382 починати лица во тој период, 233 биле вакцинирани, се наведува во анализата што ја објави Министерството за здравство и се нагласува дека за вакцинирани се сметаат лицата кај кои од втората примена доза поминале 14 дена.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, вели анализата на министерството.

„Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во период од 6 август до вчера, на територија на државата починале 1.382 пациенти. Од нив 1.149 односно 83 отсто не биле вакцинирани, а само 17 отсто, односно 233 лица, примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас“, вели Министерството за здравство.

Во соопштението на крајот се порачува дека секоја вакцина која ја има во земјава е безбедна и се апелира до граѓаните да се вакцинираат бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи ширењето на болеста и ширењето на мутациите на СарсКов2.