Нобеловата награда за литература за танзанискиот писател Абдулразак Гурна

0
19

Нобеловата награда за литература оваа година ја доби танзанискиот писател Абдулразак Гурна.

Наградата е во знак на признание за „бескомпромисната и сочувствителна пенетрација во ефектите на колонијализмот и судбината на бегалците во јазот меѓу културите и континентите“, соопшти денеска Шведската академија која ја доделува наградата.

Гурна е роден во Занзибар, а живее во Англија, каде што е професор на Универзитетот во Кент.

Тој ќе добие златен медал и над 1,1 милиони долари. Наградата доаѓа од аманетот од основачот на наградата, шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел кој умрел во 1895 година.

Објавата на годинашните нобелови награди почна на 4 октомври со наградата на физиологија и медицина, која ја добија американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан. Нобеловата награда за физика подоцна им беше доделена на американско-јапонскиот научник Сјукуро Манабе, Германецот Клаус Хаселман и на Италијанецот Џорџо Париси. Наградата за хемија ја добија Германецот Бенџамин Лист и Дејвид Мекмилан од САД.

Нобеловите награди за мир и за економија ќе бидат соопштени подоцна.