Пригодна свеченост по повод наградата „11 Октомври” за животно дело на сликарот Кузманоски

0
24

Пригодна свеченост по повод наградата „11 Октомври” за животно дело на тетовскиот сликар Павле Кузманоски.

Во Тетово се одржа пригодна свеченост во чест на Павле Кузманоски, единствен тетовец меѓу годинашните добитници на највисоката државна награда „11 Октомври” за животно остварување во областа на културата, науката, уметноста и дејностите од јавен интерес. Во просториите на ОУ „Гоце Делчев” се одржа и културно-музичка програма со која воедно се одбележа и националниот празник 11 Октомври.

Иницијативата до Одборот за доделување на наградата ја поднесе Даријан Сотировски, тетовец и актуелен директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи.

Во иницијативата за доделување на државната наградата „11 Октомври” без знаење на уметникот, Сотировски образложува дека Павле Кузманоски по 82 години животен век, над 55 години врвна и плодна академска уметничка кариера, непроценливо важен уметнички опус со карактеристичен и уникатен израз кој останува како вредно македонско културно наследство заслужува да добие највисоко признание за своето животно дело во областа на уметноста од страна на својата држава.

-Делата на Кузманоски говорат дека ваквото животно признание треба да се поврзе и со славниот историски ден 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија, бидејќи ова востание со сите свои дострели, успеси и нужни загуби е значаен мотив во неговото творештво и иницијалниот мотив за целата серија уметнички дела со меѓународна препознатливост „Сведоци”. Кузмановски е еден од ретките македонски академски сликари чии дела ја следат бурната хронологија на општествените случувања еден долг временски период, тој е посветен и активен и во својата деветта деценија, срдечен колега, космополит и пацифист, педагог и вистински културен деец, се наведува во иницијативата.

Уметникот Павле Кузманоски се обрати на свеченоста заблагодарувајќи се за иницијативата.

-Знам дека Даријан измиантиве години интензивно го следеше моето творештво. Искрено оваа награда ме извади од нормалниот колосек на живеење, но од се срце благодарам на Даријан кој ја поттикна оваа иницијатива. Благордарам на сите кои реагираа на електронските медиуми и за пораките кои ги напишаа до мене. Се надевма дека со децениите ликовно творештво го оправдувам ова признинае. Со напор и труд ова е доказ дека се постигнуваат резултати. Се што правиме е да оставиме белег за наредните генерации, истакна Кузманоски.

-Денес не собира убав и голем момент кој ретко се случува во нашиот град со највисокото признание за животно дело. Државата награда е однос помеѓу сите нас и уметникот односно неговиот град и него самиот. Тој не задолжува со непроценливото културно наследство сите нас заедно. Ја заслужува иницијативата поради силно изразен морал, втор адут е врвното творештво, кое е веќе антологија. Трета работа е тоа што како народ сме родиле врни уметници, писатели, спортисти, а оваа награда говори токму тоа дека сме постоеле и ќе си постоиме, истакна иницијаторот Даријан Сотировски на свеченоста.

Павле Кузманоски е роден на 30 јуни 1939 година во Тетово. Своето стручно образование го започнал во 1959 година во Средното уметничко училиште во Скопје, а високото образование го стекнал како редовен студент на престижната Академија за применети уметности во Белград каде дипломирал со одличен успех во класата на еминентните уметници Винко Грдан, Рајко Николиќ и Аца Томашевиќ. /МИА