Работниците до крајот на годинава чекаат минимална плата од 18 илјади денари, а пензионерите од 1 јануари повисоки пензии ok

0
17

Минималната плата до крајот на годината од сегашните 15.200 денари ќе се покачи на 18 илјади денари, а поголем раст ќе имаат и пензиите, зашто со промена на методологијата за пресметка освен цените на мало тие ќе го следат и растот на просечната плата.

Ова се ветувања на владејачката СДСМ кои премиерот Зоран Заев ги даде во предизборната еуфорија на митинзите низ градовите.

-За четири години просечната плата ја зголемивме за 6.300 денари. Порано минималната плата беше од осум до девет илјади денари, а денес таа изнесува 15.200 денари, со тенденција, до крајот на оваа година, за два и пол месеци отсега, да биде 18.000 денари. Да се донесе ваква одлука е потврда дека економијата се движи во добар правец, рече тој.

Пензиите ќе се покачат на 1 јануари и понатаму со просечната плата ќе се усогласуваат секој јануари и јули.

-Сакам да објавам дека од 1 јануари пензиите ќе растат согласно растот на цените на мало и согласно растот на просечните плати, односно секој 1 јануари и секој 1 јули ќе имаме видлив пораст на пензиите, истакна Заев.

Тој додаде дека во сите европски држави кои направиле економска сигурност на својот пензиски фонд и на својот буџет, е вграден и вториот механизам, а тоа е порастот на просечните плати.

Ние градиме фер општество да им помогнеме на највозрасните граѓани на земјата, затоа што тие им помагаат на своите деца и внуци, парите ги трошат, а овие пари ќе бидат благодет за развој на севкупната економија во земјата, порача Заев.

Со реализација на ветувањето за пензиите делумно би се исполниле барањата на пензионерите.

-Ние бараме минималната пензија да изнесува 70 проценти од минималната плата, а просечната пензија да е 60 проценти од просечната плата во државата. Исто така, пензиите не треба да се усогласуваат со минималната плата, туку со трошоците на живот и со просечната плата, рече неодамна за весникот ВЕЧЕР претседателот на Партијата на пензионери, Илија Николовски.

Последната статистика на Фондот на пензиското и инвалидско осигурување која е за август покажува дека во државата има вкупно 325. 637 корисници на пензија, а 163.012 од нив, што е повеќе од половината или 50,6 проценти, примаат помалку од 14.000 денари. Најниската пензија е 8.263 денари и ја добиваат земјоделските пензионери, а највисоката која во просек изнесува 23.069 денари ја земаат воените пензионери. Просечната пензија во август изнесува 15.854 денари. Највисоката сума што ја исплаќа Фондот е 57.992 денара и ваква пензија во август примиле 39 пензионери, додека вкупно 1.324 ги добиваат највисоките пензии што се движат од 40.548 до 57.992 денари.

А платите, кои за три месеци, како што е најавено, наскоро треба да изнесуваат минимум 18.000 денари, навистина брзо растат и наскоро треба да го достигнат владиниот таргет – просек од 30.000 денари. Просечната плата во јули изнесува 28.540 денари и е за речиси пет проценти повисока отколку во истиот месец лани. Но, ако се занемари просекот и платите се разгледаат поединечно, станува очигледно дека освен пензионерскиот, треба да се поправа и работничкиот стандард, а прашање е дали тоа ќе го овозможи новиот минималец од 18.000 денари. Тој сигурно уште еднаш ќе го качи просекот, но дури 60 до 65 проценти од вработените се со плата пониска од просечната, а на неколкуте стотини илјади кои се на минималец од 15.200 денари не им стигнуваат две плати за да ја наполнат скромната синдикална кошница со најнеопходните продукти и други трошоци, која во август стана поскапа од 34.000 денари. Таа и понатаму со тешкотии ќе се полни и со две минимални плати од 18.000 денари. Освен ова, тешко е за верување дека откако ќе треба да одвојат повеќе пари за да ги исплатат најниско платените работници, работодавците ќе ги зголемат и другите плати.

Патем речено, во нашата држава се делат најниските плати меѓу земјите од поранешна Југославија. Во јули, како и секогаш, просечната плата била највисока во Словенија. Изнесувала безмалку 1.250 евра. Во Хрватска просекот бил 940 евра, во Србија 550 евра, во Црна Гора 532 евра, а во БИХ нешто над 513 евра. Изразена во европската валута македонската просечна нето плата е 464 евра.

И, иако цифрите на просечната плата од месец на месец растат, инфографикон што го изработи економскиот институт „Фајнанс Тинк“ покажува дека меѓу земјите од поранешната заедничка држава во последните 30 години македонската плата назадува, но и дека разликите меѓу богатите и сиромашните држави се зголемиле. Во 1987 година на секои 100 евра од платата на Словенците, Хрватите земале 68,9 евра, Србите 58,1 евро, жителите на Босна и Херцеговина 53,9 евра, Црногорците 47,4 евра, а Македонците и тогаш биле со најскромни примања од само 44 евра, заедно со жителите на Косово, кое тогаш беше покраина, а кои „ни бегале“ само за 10 центи. Годинава само Хрватите го качиле просекот. На секои 100 евра од словенечката плата тие земаат 73,8 евра. Србите сега имаат 43,6 евра, жителите на БиХ 38,1 евро, Црногорците 40,9 евра, ние 53,5 евра, додека зад нас е само Косово со 32,6 евра на секои 100 евра од словенечката просечна плата.