Со скринигот ќе бидат опфатени 8178 ученици – најголем број се од Скопје, Тетово и Куманово

0
20

Министерството за здравство информира дека 8 178 ученици од 364 основни и 109 средни училишта ќе бидат опфатени со скринингот кој се планира да започне идната недела. Од денеска започна барањето согласност од родителите за тестирање на децата за Ковид-19, процес што ќе се спроведува низ државата. Активностите за превентивни тестирањасе преземаат  со цел рано детектирање и превенција од ковид во училиштата. Скринингот ќе се спроведе со брзи антигенски тестови. Засега не е планирано да се спроведе скрининг и во градинките.

Изборот на децата ќе биде случаен, а тестирањето ќе го прават здравствени работници во самото училиште. Најмногу ученици ќе се тестираат во Скопје – 766, како и во општините Тетово – 546, Куманово – 489 и Битола – 378.

„Тестирањето трае помалку од една минута, тоа е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина. Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот ковид-19, односно дали се шири низ училиштата и каква е трансмисијата“, велат од Министерството за здравство. Тие апелираат до родителите и старателите чиј деца ќе бидат избрани за тестирање да дадат согласност и да се добијат релевантни податоци за трансмисија на вирусот и дали има асимптоматски случаи меѓу учениците. Со тоа, според надлежните, ќе се овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците.