Струјата ќе поскапи по Нова година, но засега никој не знае за колку

0
16

Струјата по Нова година засигурно ќе поскапи, но засега никоја не знае да каже за колку. Првиот човек на Регулаторна уверува дека тоа нема да биде за двојно, а министерот Бектеши вели ќе се преземе се’ да се намали ценовниот удар врз домаќинствата.

Поскапа струја догодина ќе има, но за колку не знае никој. Надлежните сепак тврдат дека поскапувањето сигурно нема да е двојно. Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски вели дека за справување со енергетската криза, освен ставање во употреба на третиот блок на РЕК Битола, во игра е активирање и на ТЕЦ Неготино.

„Најодговорно тврдам дека цената на електричната енергија нема да се зголеми за 50%, а никој во моментов не знае колку ќе се зголеми. Може да има притисок врз трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат тендери и ќе видиме кои цени ќе се понудат. Ако цените се превисоки на располагање ни е концептот преку ЕСМ за набавка на јаглен или доколку има потреба да се вклучи ТЕЦ Неготино. “ истакна Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека состојбата будно се следи и се прават напори цената и по Нова Година да остане на исто ниво.

„ Моменталната производна цена на електричната енергија на АД ЕСМ е 36 евра за мегават и ќе направиме напори тоа да остане така. Веќе се преземаат соодветни мерки од страна на раководството на ЕСМ да се зголеми производството во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј и убеден сум дека до крајот на годината речиси ќе се дуплираат капацитетите на ЕСМ во делот на производството од страна на термоелектраните… Граѓаните навреме ќе ги информираме, не очекуваме големи ценовни шокови.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија

Цените на струјата и нафтата на светските берзи продолжуваат да рушат рекорди. Европската комисија веќе излезе со сет мерки кои треба да ги преземат државите за да го ублажат ударот од вртоглавиот раст на цените на енергенсите. Во повеќе држави веќе се замрзнуваат цените на горивата, а за сметките за струја се делат ваучери за загрозените семејства.