„Фејсбук“ планира да го промени името и да се фокусира на виртуелната реалност

0
62

Марк Зукерберг, наводно, ќе ги открие плановите за промена на името на годишната конференција на компанијата Конект на 28 октомври, но новото име може да биде откриено и порано.

Од компанијата на оваа вест порачаа дека не сакаат да коментираат гласини или шпекулации.

Марк Зукерберг ова лето најави дека неговата компанија сака да прерасне од социјална мрежа во компанија на „метаверзум“ во следните пет години. Тој го опиша поимот како „виртуелен свет“, кој ќе се надогради на сè што досега знаеме под поимот виртуелна реалност и што всушност ќе биде нова компјутерска и комуникациска платформа. Друго објаснување вели дека ова е нова фаза во меѓусебното поврзување на виртуелните искуства користејќи технологии за виртуелна и проширена реалност.

Дека имаат сериозна намера посветено да работат на овој проект и многу да инвестираат во него, се потврди оваа недела, кога официјално беше објавено дека метаверзумот првенствено ќе се развива во Европската унија. Планот на Фејсбук е да ангажира десет илјади експерти во ЕУ во следните пет години. Покрај амбициозните планови за овој проект, Фејсбук сака со овој потег да порача дека верува во силата на европската технолошка индустрија и во потенцијалот на европските таленти во оваа област.

Веста доаѓа во турбулентни моменти за компанијата. Имено, на почетокот на овој месец имаше голем пад на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Вотсап кој траеше шест часа, поради што компанијата загуби нешто повеќе од три милиони долари приход од реклами во САД, својот примарен пазар.

Исто така, Фејсбук се согласи да плати 14,24 милиони долари за да го прекине судскиот прогон од американските власти кои го обвинуваат дека некои добро платени работни места ги доделил на странски државјани, на штета на американски граѓани и жители со дозвола за постојан престој (зелена карта).