Хорор сцени во трговскиот во центарот на Тетово, отпадоци руина и мирис на урина

0
19

Тетово нема градско кино, но ако сакате да погледнете хорор филм, може само да направите една прошетка на вториот и третиот кат од трговскиот центар, лоциран веднаш до градскиот плоштад во Тетово. Кога ќе искачите неколку степеници и само ќе се приближите до првиот кат од овој хорор објект, ќе ве пречека една неподнослива смрдеа на урина. Смет насекаде, искршени локали, руиниран објект. Уште покатастрофална е состојбата и на вториот кат, каде и ретко некој да работи, освен државната институција Катастар.

На првиот кат има неколку кафулиња. Дел од сопствениците кои не сакаат да го откријат идентитетот, велат дека се свесни за лошата состојба во која се наоѓа објектот, но немаат можност нешто да преземат.

Ние тука сме ги купиле локалите и тие не сакаме да ни пропаднат, околината е катастрофа, нема кој да одржува, се работи за голем објект и не сме моќни ние да го одржуваме, а сопствениците на соседните локали не се тука, голем дел од нив се заминати во Швајцарија и ги оставиле така да им пропаѓа. Да има некој инвеститор, па заедно со него да го уредиме овој простор, а само неколку локали еве конкретно на првиот кат што сме ние не можеме, вели еден сопственик на локал.

Приземјето од овој објект е во малку подобра состојба. Тука дел од дуќанџиите ни велат дека имало обиди да се обнови овој трговски центар, но биле безуспешни. Сега пак има најава, и се надеваат дека ќе се реализира и трговскиот ќе заличи на вистински репрезент на градот, место за трговија, занаетчиство и угостителство, нешто на што Тетово со векови е гордо.

Се подготвува нешто интересно, такви информации имаме, да се обнови овој трговски центар и конечно да заличи на нешто, затоа што сепак овој трговски центар преставува на некој начин репрезент на центарот на Тетово, а видете во каква состојба се наоѓа. Тука има луѓе кои купиле локали и сега никаде ги нема. Порано функционираше Здружение на трговци и занаетчии, кои колку толку се грижеа за овој објект, а сега никој не се грижи, оти сепак ќе треба покапитална инвестиција, ако сакаме овој објект да изгледа како што треба.Се надеваме дека ќе се уреди, а ќе се изгради и уште еден кат.Има најава за некој инвеститор и тој заедно со нас овој трговски да го уреди и да биде како што треба, а тој ќе си го преземе одржувањето. Значи се работи за инвеститор, кој е присутен во самиот трговски центар, велат дел од сопствениците на локалите.

Од Општина Тетово не добивме одговор, кои се нивните информации и дали како локална власт можат да помогнат трговскиот центар да биде обновен.

Во слична состојба се наоѓа првиот кат од градскиот пазар во Тетово, простор кој се користи за трговско – занаетчиски и услужни дејности. Таму пак поголем дел од локалите работаат, но еден сопственик ни призна дека проблемот е кај нив.

-Сепак се работи за помал објект, трговскиот е во лоша состојба, но таму дуќанџиите не можат сами да го уредат, сепак се работи за капитална инвестиција, а тука кај нас е помал објектот, па за одржување на хигиена, некоја плочка да замениме, или некое стакло скршено да земениме можеме, но таков народ сме, не не бива и затоа е ваква состојбата, вели еден сопственик на локал од градскиот пазар.

Поради лошата состојба во трговскиот центар, како и на првиот кат од објектот од градскиот пазар, наменет за трговија, угостителство и занаетчиство, тетовци речиси и да не влегуваат во овие хорор места, каде економијата едвај преживува.

Преземено од ММС