Русковска: Пожарот во автобусот почнал во предниот дел над резервоарот

Пожарот во автобусот, во кој загинаа 45 луѓе на автопатот во Бугарија, е почнат кај багажниот простор кој се наоѓа над резервоарот во предниот дел на автобусот, изјави денеска шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

„Јас тоа точно го видов, го имам сликано, делот фактички каде што е почнат пожарот, а тоа е багажниот простор над резервоарот на автобусот. Затоа што резервоарите на автобусите се наоѓаат напред“, изјави Рускоска за телевизија Телма.

Таа зборуваше на прашањето како е можно автобусот да изгори толку брзо, посочувајќи дека врз основа на информациите од бугарските истражители, за некои испитувања е потребно повеќе време.

Автобусот на компанијата „Беса Транс“ рано утрината на 23 ноември се удри и се запали на автопатот Струма во Бугарија, кога 45 патници загинаа, а седум беа повредени. Тие се враќаа од Истанбул кон Скопје. Вкупно четири автобуси беа дел од турата што ја организирирала компанијата во Турција.

Русковска рече дека сопственикот на „Беса Транс“ Беким Хаџиу бил во еден од автобусите кои се враќале од Истанбул како втор возач, а дека автобусите не возеле во конвој, туку разделени па така останатите не ја виделе несреќата.

Обвинителката рече дека сите документи за несреќата ги доставила до нејзините бугарски колеги кои ја водат истрагата.

Таа исто така рече дека на местото на несреќата разговарала со Хаџиу кој ѝ рекол дека не била пренесувана никаква запалива материја во автобусите.

„Го прашав дали носеле резервни канти со гориво. Вели дека нема шанси тоа да се случило. Ова беше неформален разговор, тука на самото место на настанот. Дали случајно можеби некој патник да купил пиротехнички средства, бидејќи се ближи Нова година, исто беше дециден дека одговорот е не. И толку беше нашиот разговор“, изјави Русковска.