Тетовчани на монитор на плоштад ќе го гледаат долгот на општината, жално како е оставена, рече градоначалникот Касами

Јавно на монитор на градскиот плоштад во Тетово ќе биде видлив долгот на општината, најави граодначалникот на општина Тетово, Биљал Касами. На денешната пресс конференција тој го обелодени долгот на општината од над 24 милиони евра. Како што кажа, доделувајќи им флаери на медиумите, највеќе должи самата општина и Јавното комунално претпријатие Тетово.

–За да бидеме транспарентни се подготвуваме преку монитор долгот на општината да биде видлив за граѓаните на плоштадот. Исто така долгот детално ќе биде објавен на веб страницата на Општината. Поминаа три недели и сум ангажиран да се скенира состојбата на Тетово. Жално е како е оставена општината со многу долгови и бројни неправилности во сите области. Граѓаните заслужуваат да знаат што се случува со нашата општина, рече Биљал Касами.

Тој истакна дека Општина Тетово има долг од над 14 милиони, а Јавното комунално претпријатие  над 9,5 милиони евра долг. Додаде дека голем дел од долгот е кон приватниот сектор, особено направен од претходната локална самоуправа, во предизборниот период. Се работи за сомнителни проекти, кои веќе се стопирани, додаде Касами.

-–Владата дел од долгот им ги отплати на општините. Од тој момент општина Тетово декларираше 15 милиони долг од кои 7,5 милиони беа исплатени од Владата. Од тој момент Општина Тетово има 7,5 милиони долг. За само четири години, вториот мандат на Теута Арифи тој долг е зголемен на 24 милиони од кои 14 создаден само за четири години. Само три месеци пред избори има долг од три милиони евра за проекти кои сега се испратени до Антикорупциска комисија да се види дали се според законот. Има друг дел долг кој ќе биде обжален, сите луѓе кои се инволвирани ќе се бара да дадат одговор, истакна градоначалникот Касами.

Најави ревизија и начини за одолжување на општината.

–Во текот на следната недела од кога ќе имаме поконкретна информација ќе објавам еден значаен дел од долгот кој е направен само преку една институција односно едно физичко лице.Тој дел ќе се намали со обжалување на сите решенија кои се донесени и ќе се ангажира и адвокатска куќа која ќе ги анализира сите постапки односно тоа што не е постапено од Општината и се надеваме дека тој дел кој не е реален ќе биде тргнат од обврски на општината.  Друг дел кој е кон приватниот сектор– таму сум во постојана комуникација со сите приватни оператори кои имаат докажано првична спремност, делот од затезните камати да не го калкулираат и да не го наплаќаат од нас. Исто така се заинтересирани и имаат покажано подготвеност во делот од долгот да го намалат и да оди општината напред, истакна Касами.