Јовески: Човечки фактор или техничката неисправност на возилото можни причини за несреќата

Во овој момент не може да се каже која е причината за незгодата. Можни се два фактори, човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото, изјави јавниот обвинител на Република Северна  Македонија Љубомир Јовески пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници од денешната автобуската несреќа.

– За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата, истакна Јовески и додаде дека станува збор за пообемни вештачења.

Тој посочи дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.

– Телата во моментов се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши, изјави Јовески.