Виси во воздух успехот на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето недоверба на владата на Заев

0
20

Виси во воздух успехот на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето недоверба на владата на Зоран Заев, закажано за в четврток, откако стана јасно дека барем еден од 61-те потпишани пратеници ја повлекува својата поддршка. Опозицијата тргна да го разубедува Скендер Реџепи од Алтернатива откако тој изјави дека не сака да биде во исто друштво со Левица. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој поради ковид е во изолација, јавно, преку пост на фејсбук, го повика Реџепи да се предомисли. Му понуди друго решение – иницијатива во која нема да фигурира Левица, партија проблематична за голем дел од албанските политичари.

„Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ. Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ“, му порача Мицевски на Реџепи.

И лидерот на Левица се вклучи во „одоброволување“ на дел од албанските пратеници, клучни за потенцијално ново парламентарно мнозинство.

„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да ја стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а тие – максимум 9“, порача Димитар Апасиев.

Партијата на Реџепи, Алтернатива која има 4 пратеници, донесе став дека утре ќе има став за однесувањето на својот пратеник. Не се исклучува можноста Реџепи да не е осамен во позицијата дека не треба да бидат дел од иницијатива во која е и Левица.

ВМРО-ДПМНЕ, зад чекорот на Реџепи, гледа притисок.

„Се повторуваат сценаријата со притисоци врз пратеници, овој пат потпишани на иницијативата за изгласување недоверба на актуелната влада. Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди“, рече Наум Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ.

Во пресрет на гласањето в четврток доцна синоќа во Собранието беше премиерот. Спикерот Џафери го повикал за „лично да го информира за поставеното прашање за доверба на Владата и за понатамошните деловнички чекори“. Партијата на Заев, СДСМ, треба допрва да ја разгледува неговата најавена оставка и наредните потези.

Во екот на политичката криза во земјава утре доаѓа холандскиот премиер Марк Руте. Холандија, влијателна членка на ЕУ, го поддржува „строгиот, но фер“ пристап во проширувањето, притоа инсистирајќи на владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот. Неговата посета е прва на висок претставник на земја членка на Унијата откако државата влезе во турбулентен период и е само еден ден пред гласањето доверба на владата.