Власта со „отворени врати“ за Алтернатива – партијата на Гаши сè уште не добила официјална покана, таму се каде што биле

0
17

По неуспешниот обид на опозицијата за уривање на Владата Заев 2, власта сега најавува зголемување на парламентарното мнозинство. Славјанка Петровска од СДСМ смета дека многу лесно можат да најдат заеднички јазик со Алтернатива.

На прашањето – дали во моментов се во комуникација со пратениците на Алтернатива, Петровска одговори дека се во постојан контакт на разни нивоа и дека никогаш вратите не биле затворени. На ваквото тврдење, Зекирија Ибрахими од Алтернатива возврати со шега

Ви благодарам што ги оставате отворени вратите, но на ова време кога заладува, подобро е да ги затворите малку бидејќи може да настинете…“, вели Зекирија Ибрахими.

ТВ21: Што значи ова?

„Знаат тие…“, додава Ибрахими.

Но, потоа додаде дека ако некој сака да воспостави официјална комуникација со Алтернатива, можат да се обрати до партискиот лидер и органите.

-ТВ21: Да, но, ниту вие не ги затворивте вратите, можеме да го кажеме тоа?

Зекирија Ибрахими: Лошо е некој да каже – ги затворивме вратите на политичките партии бидејќи политиката е динамичен процес и подразбира постојани промени. Ние не ги затворивме, но ниту ги отворивме за да станеме дел од власта. Едноставно таму сме каде што бевме. Затоа не зборуваме на јазикот „ги отворивме вратите за да станеме дел од власта“. Не, ние остануваме во опозицискиот блок, од таму ја биеме битката, а за останатите случувања ќе размислуваме во други околности.

Ибрахими објаснува дека официјално нема никаква промена ниту во барањето од другите партии, ниту во ставот на Алтернатива, додавајќи дека партијата ја продолжува комуникацијата и со Алијанса за Албанците, и со ВМРО-ДПМНЕ. И од партијата на Мицкоски уверуваат дека се во контакт со сите и дека ќе ги поздрават сите кои мислат дека Зоран Заев веќе не треба да биде премиер.

Во обидот да се урне Владата преку гласање недоверба излезе дека опозицијата има 60 пратеници, а мнозинството 59. Пратеникот Кастриот Реџепи не гласаше, а сѐ уште не е познат ниту неговиот став околу тоа дали ќе го поддржи мнозинството. Рече дека сѐ ќе објасни в понеделник. Пратеничката Петровска, запрашана околу однесувањето на Реџепи, рече дека делат заеднички вредности, па затоа верува дека и тој многу лесно може да се најде на платформата на мнозинството во законодавниот дом. Во случај да дојде до тоа, власта и опозицијата би биле изедначени по бројот на пратеници – 60 со 60. Можното приклучување на Алтернатива би значело дека мнозинството би броело 64 пратеници.

Претходно и премиерот Зоран Заев потврди дека има добра комуникација со партијата на Африм Гаши, но Гаши пред неколку дена за ТВ21 рече дека сме во длабока политичка криза, уверувајќи дека Алтернатива ќе се однесува одговорно кога станува збор за важни процеси за Северна Македонија. Инаку, ниту ДУИ не се противи на влегувањето на Алтернатива во Влада.