Дел од пратениците ги повлекоа потписите, утре ќе се гласа за доверба на Владата

0
16

Седумнаесет пратеници, од кои двајца од Левица, ги повлекоа потписите од барањето, но не се откажуваат од идејата утре да гласаат за недоверба на Владата.

Седумнаесет пратеници, меѓу кои и двајца од Левица, се повлекоа од барањето за гласање доверба на Владата. Тие денеска во архивата на Собранието ги повлекле потписите од иницијативата на која се потпишаа 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Беса и Левица, но не се откажуваат од идејата утре да гласаат за недоверба на Владата.

Повлекувањето на потписите доаѓа по притисокот од пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, кој рече дека нема да дозволи неговиот потпис да биде заедно со пратениците на Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти Алтернатива, но и дека може да даде оставка доколку неговата партија соработува со Левица за да ја урне Владата. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ понудија да поднесат новаиницијатива со 20 потписи, на што тој се согласи. Со одлуката на Левица да се повлече од списокот, автоматски паѓа во вода идејата да се поднесе нова иницијатива за гласање доверба на Владата.

Пречката е отстранета

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, попладнево соопшти дека четворицата пратеници утре ќе гласаат за недоверба на Владата. „Изминатите денови претставниците на Алтернатива имаа една пречка која за нас претставуваше проблем. Таа пречка е отстранета, господинот Апасиев го тргна својот потпис од иницијативата за недоверба на Владата и можам да потврдам дека Алтернатива заедно со четирите пратеници утре ќе гласа за недоверба на Владата“, рече Гаши.

Afrim Gashi Besa Bewegung MazedonienАфрим Гаши

Ставот на партијата е дека не треба да има брзи избори со оглед на енергетската криза и пандемијата, но дека треба да има нова влада изгласана од актуелниот собраниски состав.

Мирно да се предаде власта

Пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска на прес-конференција ја најави можноста иницијативата за гласање на недоверба на Владата да биде „технички модифицирана“. „Иницијативата останува, а деловникот дозволува истата да биде технички корегирана. Ќе направиме техничка корекција, да даде простор на одредени пратеници да се пронајдат себе си со своите забелешки“, најави тој. Според Милошоски,  таа ќе остане во процедура, но со помал број на потписи, а ќе има поголем број на гласови од 61 кои ќе гласаат за недоверба.

Утрешната седница во Собранието е закажана за во 11 часот. Милошоски побара премиерот Зоран Заев и неговите соработници мирно да ја предадат власта, тврдејќи дека утре ќе ѝ биде изгласана недоверба на Владата.

Antonio Milo mazedonischer AußenministerАнтонијо Милошоски

„Му порачуваме на Заев премиерот во заминување и на неговите најблиски соработници Филипче и Оливер Спасовски да се спремат за мирна транзиција на власта, испорачувањето на недовербата на Владата и формирањето на ново собраниско мнозинство и нова Влада којашто ќе нуди решенија за проблемите коишто ги создаде Заев, Филипче и Оливер Спасовски. Сметам дека доаѓа време за одговорност за сите нивни злоупотреби, доаѓа време за нов почеток, за поспособни луѓе, за нова Влада и за ново парламентарно мнозинство“, рече Милошоски.

Неколку сценарија

По незадоволството на пратеникот на Алијанса, Скендер Реџепи-Зејд, кој се пишани за потписот ставен на иницијативата, изминативе денови во игра беа неколку сценарија, меѓу кои се најавуваше и поднесување на нова иницијатива за гласање на недоверба, што пак отвори дилеми дали тоа ќе води кон одложување на седницата и кога таа би можела да се одржи.

Реџепи најави дека со ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива за гласање недоверба на Владата, но беше пресретнат од претседателот на Собранието, Талат Џафери кој се произнесе дека ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Владата, нема правна можност во наредните 90 дена да се поднесуваат нови барања. Но, Реџепи сметаше дека изјавата на претседателот на Собранието е политичка, а не правно издржана.

Дојче Веле