Една година затвор за полицаецот што тепаше Роми во Битола

0
22

Од иницијативата АВАЈА на својот Фејсбук профил објавија дека еден полициски службеник е прогласен за виновен и осуден на една година казна затвор за сторено кривично дело „Малтретирање при вршење на служба“. На социјалните мрежи на 24 септември 2020 година беше постирано видео на кое неколкумина полицајци жестоко тепаат Роми од Битола.

„Невзат Јашароски ја доби правдата! Аваја активно дејствуваше во текот на целата година со јавно говорење, соопштенија во јавност, протест и целосно следење на случајот! Истакнуваме благодарност до  Македонското здружение за млади правници и до адвокатите Татјана Донеска и Диме Ѓорчевски како и до тим лидерот на АВАЈА од Битола, Ремзи Медик“, велат од АВАЈА.

Веднаш по објавеното видео од полициската бруталност, со реакција и осуда се јави ЦИВИЛ, од каде истакнаа дека полицијата мора да биде пример за законито однесување.

„Во овој случај, правната држава треба да одреди најстрога санкција според законот. Униформата не смее да биде заштита на насилниците, туку заштита од насилството. Неказнивоста мора да престане“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ

Дехран Муратов од ЦИВИЛ во колумната Roma Lives Matter! меѓу другото напиша:

„Освен политичкото препукување и обид за оцрнување на работата на актуелната власт, преку овој случај, и национализмот излезе на површина. Во коментарите на социјалните мрежи има доста говор на омраза кон Ромите, а дел од ромската заедница како реакција на тие коментари одговараат исто така со говор на омраза.

Ромските политички претставници, исто како во минатото, и денес никаде ги нема да го осудат насилството и да бараат одговорност. Ок, ќе почекаме, можеби ќе кажат нешто до следните избори…

Полицијата е должна да спречи насилство, а не да продуцира и да е дел од насилството. Случајот со полициската бруталност во Битола мора да има разрешница и да има казни за сторителите, за да не се повтори истото дело.

Стоп за полициската бруталност!

Цивил медиа