Заев и Гаши се договорија да се договорат!

0
17

Алтернатива со една нога е во Влада откако на вчерашната средба во Клубот на пратеници, премиерот Зоран Заев и лидерот на алтернативците, Африм Гаши, го договорија програмскиот дел од идната соработка, најавувајќи дека откако ќе завршат консултации за кадровските решенија и разговорите во рамки на партиите, ќе следува и нова работна средба со тимовите.

„Соговорниците се согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици-министри и други раководни лица во рамки на централната власт“,  се вели во официјалното соопштение што го лиферуваше Владата.

По оваа втора рунда, веќе е извесно дека  алтернативците влегуваат во власта. Она што треба да се договори дополнително е колку ќе чини влезот, поточно кои се можните кадровски решенија за министри, заменици-министри и други раководни луѓе во рамки на централната власт.

Во друштво на Заев и Гаши на средбата беа Димитар Ковачевски, кој  и официјално ја најави кандидатурата за претседател на СДСМ и Беким Сали, партискиот генерален секретар, кој неофицијално, се споменува како можен нов министер за здравство откако двајцата лидери договориле овој сектор да припадне на Алтернатива по нејзино барање.

Освен ова, се шпекулира дека е договорено  на партијата на Гаши да и припадне и едно вицепремиерско место. За преземање на други функции од пониските ешалони на власта ќе се разговара дополнително.

Гаши пред одржувањето на средбата, пак, истакна дека определба на партијата е да се даде шанса за излез од политичката криза, како и од енергетската и здравствената криза, но и да ѝ се помогне на државата да не ја изгуби, како што рече, историската шанса да започне преговори за членство во ЕУ.

„Ќе видиме каков е концептот на премиерот и неговите сегашни партнери и што очекуваат од нашиот придонес во идната влада. Ако успееме да изградиме нов концепт, поголеми промени, мислам дека Алтернатива е подготвена да помогне“, рече Гаши.

Во однос на тоа колку министерски места очекува неговата партија тој посочи дека за партијата тоа никогаш не било од суштинско значење и оти за неа е важно да се разговара за политичките критериуми.

„Тоа прашање е втор дел кој е секундарен за нас и многу понебитен од првиот кој е нормативен, околу концептот кој ќе го градиме заеднички и дали ќе можеме да ги отстраниме тие пречки при досегашното функционирање на Владата“, рече Гаши без да ги коментира шпекулации дека Алтернатива за влез во Владата ќе бара да води две министерства, како и да добие тројца заменици-министри и еден вицепремиер.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, а до крајот на неделава ќе има уште една средба која треба да го даде и крајниот одговор дали Алтернатива ќе биде новиот владин партнер на СДСМ и ДУИ.

Стојанче Ангелов, кој со партијата „Достоинство“ е коалициски партнер во власта, денеска рече дека очекува Алтернатива со влезот во Владата да ги преземе позициите на Беса, па дури и да добие малку повеќе.

„Алтернатива ќе ги преземе местата од Беса, според моите очекувања и она што го гледам од медиумите. Ќе добие нешто малку повеќе, но не драстично повеќе. Едно министерско место повеќе не мора многу да значи. Зависи и какво е тоа министерство“, рече Ангелов.

За опозицијата, пак, Владата со Алтернатива во неа нема да трае долго.

„СДСМ е нестабилна поради фракциите во неа, има и неисполнети ветувања како кон граѓаните, така и внатре во владејачката коалиција. Ако Алтернатива влезе во таа Влада, тоа ќе биде нивна одлука, но сметам дека таа Влада нема долго да трае и оти идната година ќе биде изборна.“ – изјави Арбен Таравари генерален секретар на Алијанса за Албанците.

Пред година ипол излеговме со господинот Гаши на парламентарни избори и добивме гласови од граѓаните против политиките на ДУИ. Договорот беше потпишан за четири години и секако не мора да се придржуваат до тоа. Како ќе одлучат, така. Ние ќе ја почитуваме нивната одлука.“, рече Таравари, додавајќи дека АА останува во опозиција и ќе се подготвува за претстојните избори.

Вечер.мк