КАСАМИ ОТВОРИ СОМНЕЖ ЗА КИДНАПИРАЊЕ: СЕ ДОДЕКА НЕ ВИДАМ СЛИКА И ГЛАС ОД РЕЏЕПИ, СЕ СОМНЕВАМ ДЕКА ТОЈ Е ПРИСИЛЕН

0
16

Претседателот на Беса Биљал Касами изјави денеска дека Движењето стои на ставовите за пад на овој режим и оти последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на се за да остане на овие позиции.

-Се додека немам јасна слика и глас за пратеникот за својот став јас се сомневам дека тој против својата волја го има декларирано тоа што го има декларирано и не може да дојде во Собрание и да се искаже за својата политичка позиција, рече Касами.

Тој денеска, како што кажа, го нема контактирано Реџепи и нема информација каде се наоѓа.

-Вчера беше мојата последна информација и според целиот амбиент тој беше во рамки на позициите кои ги имавме како политичка партија, рече Касами.

Првиот човек на Движењето Беса истакна дека се додека Кастриот Реџепи не излезе и не каже дека тој став е негов и оти тоа е доброволно и нема некоја присилба, тој како човек и како претседател на Беса има право да се сомнева дека тој против својата волја се држи некаде и не може да дојде во Собрание и да излезе пред јавноста и да каже дека тоа е негов доброволен став.

Ако се потврди дека тоа е негов став, според Касами дополнително ќе се превземат мерки во партијата согласно статутот.

-Во моментов за нас е многу важно здравјето на пратеникот, да имаме комуникација за потоа да разговараме за другите опции, одговори на Касами на прашањето дали се преговара со други пратеници за обезбедување мнозинство за гласање доверба на Владата.

За тоа дали е пријавено исчезнувањето на пратеникот во полицијата, лидерот на Беса рече дека е во контакт со институциите и оти чека нивен одговор.

Касами претходно денеска во изјава за медиумите истакна дека не е изненаден од потегот на неговиот сопартиец, пратеникот Кастриот Реџепи.