Кина ги мобилизира граѓаните: Правете залихи од храна, ќе биде поскапа и ќе ја снема

0
20

Кина упати апел до семејствата во земјата да почнаат да прибираат залихи од храна и други неопходни работи за домаќинствата поради лошите временски прилики, енергетската криза и рестрикциите поради пандемијата од ковид-19.

Кинеското министерство за трговија издаде соопштение со кое ги повика локалните власти да обезбедат редовно снабдување и стабилни цени и навреме да ги предупредат граѓаните за сите проблеми и прекини во снабдувањето.

Министерството, исто така, ги повика локалните власти да се погрижат луѓето да имаат „соодветно снабдување“ со основни работи оваа зима до следната пролет. И им порача на властите да ги одржат цените стабилни – што пак е извор на вознемиреност во последниве недели, бидејќи цената на зеленчукот се зголеми низ цела Кина поради невообичаено обилните врнежи што им наштетија на земјоделските култури.

Кина во минатото ја истакна важноста од собирање на храна и други дневни залихи – вклучително и во септември, пред големиот неделен период на одмор. Но, тие изјави обично се многу очигледно наменети за читање на локалните власти и ретко го привлекуваат вниманието на граѓаните во секојдневието. Поради тоа што токму ова соопштение ги споменува семејствата, се чини дека ситуацијата е критична и луѓето мора сериозно да ги разберат овие пораки.

Ненадејното предупредување предизвика шокантни реакции низ кинеските социјални медиуми во вторникот, бидејќи многу луѓе шпекулираа за образложението на Министерството за трговија.

Владата „не ни кажа да складираме стоки кога избувна епидемијата на Ковид на почетокот на 2020 година“, напиша еден корисник на Веибо, одговарајќи на веста.

Друг шпекулираше дека властите ги потсетуваат луѓето дека „можеби нема да можат да си дозволат зеленчук оваа зима“.

Централната влада обично прави дополнителни напори за зголемување на понудата на свеж зеленчук и свинско месо во пресрет на најважниот празник во Кина, Лунарната Нова година, кој се слави на почетокот на февруари следната година. Но, оваа година, тие напори се уште поитни бидејќи екстремните и невообичаени временски услови на почетокот на октомври ги уништија посевите во Шандонг, регион кој е во првите редови во одгледувањето зеленчук.

Дополнително, ширењето на коронавирусот на териториите од северозапад до североисток на земјата се заканува дополнително да го наруши снабдувањето со прехранбени производи.

Во меѓувреме, државниот „Економски дејли“ во вторникот напиша дека властите се обидуваат да ги потсетат семејствата да се подготват во случај на привремени локдауни предизвикани од ковид-19.