КУЌА, ЗЛАТО, ЗЕМЈИШТЕ И МЕРЦЕДЕС: Што се пријавил Касами, новиот градоначалник на Тетово

0
21

Сите новоизбрани советници и градоначалници имаат рок од еден месец до Државната комисија за спречување на корупција да ги достават анкетните листови за имотната состојба. Некои од нив, кои претходно биле носители на некоја функција во регистарот на комисијата веќе имаат доставени листи. Еден од нив е пратеникот Биљал Касами, кој сега е нов градоначалник на Тетово.

Што поседувал првиот човек на градот под Шар Планина во моментот кога го доставувал анкетниот лист?

Според податоците, Касами има земјиште и во Боговиње, и во Тетово и во село Леарце. Најмногу вреди тоа во Тетово чија вредност е проценета на над три милиони денари, а Касами го навел како имот на родители. Земјиштето во Боговиње е поголемо, но има помала вредност, а тоа е имот од брачен другар. Во Тетово Касами има куќа која вреди над 8 милиони денари и исто така е имот од неговите родители. Куќата, како што пишува, е 526 квадрати.

Касами пријавил златен накит вреден 1,2 милиони денари како имот од сопругата, а мерцедесот Ц220 кој е впишан во анкетниот лист напишал дека е имот од родителите.

Касами има побарувања за кои навел дека се или дадени заеми или некои удели и сите се од 2016 година, а заедно вредат околу 7 милиони денари.

Како приходи Касами има и пари од закупнини по 12.300 денари месечно, ама и тие се имот на родители.

Новиот градоначалник на Тетово има депозити во две банки, ама во анкетниот лист не се соопштува за колку пари станува збор.

Избраните градоначалници и членови на Совет на општина, односно на Град Скопје, имаат обврска за поднесување на изјава за имотна состојба и судир на интереси, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот. Градоначалниците или членовите на совет на кои функцијата им престанала, исто така, имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба или судир на интереси најдоцна во рок од 30 дена, од денот на престанување на функцијата. Градоначалниците или членовите на совет се должни во рок од 30 дена да го пријават секое зголемување на нивниот имот, односно имотот на членовите на нивното семејство во вредност што надминува 20 просечни плати во претходниот тримесечен период.

Faktor.mk