Медат Куртовски за протестот во Маврово: Ќе ги повикам вработените во урбанизам и инспекциски надзор за да ги видиме барањата

0
17

Протестот е легитимно право на секој поединец, кратко искоментира за „Фокус“ Медат Куртовски, поранешниот градоначалник на Маврово-Ростуше и веќе избран владин повереник на општината за  денешниот протест на иницијативата „Спас за Маврово“.

-Поради приватни обврски не бев во можност да видам кои се барањата, ќе ги повикам на состанок вработените во урбанизам и инспекциски надзор за да ги видиме барањата и забелешките, вели Куртовски за „Фокус“.

Незадоволството кое произлегува од нерешавањето на основни комунални проблеми, урбано дивеење, бетонизација, продавање на државно земјиште и национално природно богатство, жителите на селата и викенд населбите во Мавровскиот регион го искажаа денес преку предупредувачки протест.

Жалосна е состојбата во Мавровскиот регион. Иницијативата е поддржана од 2050 луѓе, сопственици на куќи и викендици. Пред се е потребна урбанистичка планска документација, до донесување нов урбанистички план да престане продажбата на државно земјиште и да се стопира издавањето на дозволи за градби бидејќи ние се соочуваме со сериозни проблеми од недостаток на вода која или ја нема или е контаминирана.  Се гради насекаде, долж езерото, се сече шума, тоа навистина е недозволиво за еден од најголемите и најзначајните Нaционални паркови во земјава. Исто така нема да дозволиме пренамена и на автокампот, бидејќи и таму се планираат некакви градби, вели за „Фокус“ Верица Илиќ од организацискиот одбор на „Спас за Маврово“.

Таа појаснува дека се користи политичкиот вакуум простор и константно продолжуваат градежните работи, притоа никој не води грижа ниту за националниот парк, ниту за биодиверзитетот, а најмалку за луѓето во Мавровскиот регион.

Желбата на жителите е Маврово да се одвои од општина Ростуше, бидејќи целиот приход кој што го собира општината се вложува во Ростуше, а со ова темпо велат, од Маврово нема ништо да остане.

Од Иницијативниот одбор на протестот велат дека доколку не се прогласи мораториум и не се исполнат нивните барања, ќе покажат граѓанска непослушност со неплаќање сметки и ќе организираат блокада на патишта.

Општината има и друг проблем, во првиот круг на локалните избори немаше доволна излезност на гласачите, односно таа беше под законски пропишаните 33 проценти од запишаните избирачи, па затоа Владата ја донесе одлуката со цел да нема застој во работењето досегашниот градоначалник од редовите на СДСМ Медат Куртовски да биде именуван за владин повереник за општината Маврово-Ростуше.