Мистеријата за осмиот патник ги измачува Македонија и Бугарија

0
49

Изненадувачката информација за преживеаниот осми патник од автобуската несреќа поттикна повеќе прашања за неговиот идентитет, каде тој се наоѓа и зошто досега не контактирал со надлежните служби. Бугарското обвинителство денеска соопшти дека во автобусот на „Беса транс“ патувале 52 лица, од кои 44 загинале, додека хоспитализирани се седуммина преживеани.

Еден од преживеаните во несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија посведочил дека спасени се осум, а не седуммина патници, како што соопшти Сијка Милева, портпаролка на Јавниот обвинител на Бугарија на денешниот брифинг со новинарите. Таа нагласи дека тврдењето на преживеаниот може да се должи на „лоша меморија“. Но, фактите покажуваат дека во автобусот биле пронајдени 44 тела, а не како што претходно се мислело – 45.

Милева нагласи дека истражителите разговарале со сведокот, а при втората средба бил повикан и преведувач, со што тој ја повторил истата изјава во која тврдел дека се спасени осум патници.

– Телата секако беа 44. Граничната контрола на пунктот „Капетан Андреево“ eвидентирала 52 патници во автобусот. Единствената опција е еден од патниците на списокот да се качил во друг автобус – објасни заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов.

Постојат можности дека сведочењата не се точни, бидејќи се должат на „лоша меморија“ како што беше посочено, или пак имало размена на патници меѓу автобусите. Недолго пред несреќата, автобусот застанал на пауза, со што меѓу тезите на истражителите се спомнува дека еден од патниците излегол од автобусот и го продолжил патот во едно од другите три возила на „Беса транс“ на истата тура.

Ваквата теорија за размена на патници ја посочил и шефот на тимот истражители што работат на случајот, Маријан Маринов, кој додал оти во прилог на ваквите тврдења има сведоштва од бензинската пумпа каде што застанале попат автобусите, односно дека таму дошло до размена на патници меѓу автобусите.

Синот на едниот возач од автобусот, кој денес го идентификува својот татко, вели и дека од официјалниот список со патници недостасува името на извесен 36-годишен Шади Науф ал Салех. Милева, на денешната прес-конференција посочи дека надлежните служби ќе ја проверат оваа информација.

Бугарското обвинителство ќе треба да дојде до одговори, при што се најавени проверки и на граничните премини за да се утврди колкумина патници влегле во Бугарија, и колкава бројка на патници ја напуштиле земјата.