Најчесто споменувани имиња за можен премиер

0
20

Пет дена по најавата за оставка од партиската и државната позиција Зоран Заев се консултира со коалиционите партнери за иден наследник. Од три партии кои се во владината коалиција за РСЕ потврдија дека најчесто споменувани имиња се министрите Филипче и Спасовски. Од СДСМ засега не коментираат.

Десетина имиња се споменале на досегашните одделни средби на премиерот Зоран Заев со помалите коалициски партнери за можен иден премиер. Заев, кој ја најави својата оставка по поразот на локалните избори што се одржаа во неделата, деновиве интензивно комуницирал на одделни средби со сите партии за да се утврди кандидатот за мандатар ,кој потоа би станал и премиер, откако ќе го поддржи мнозинство од 62 пратеници кое се тврди дека е сигурно.

Министерот за здравство Венко Филипче и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, велат извори на Радио Слободна Европа биле најчесто споменуваните имиња на средбите како можни идни премиери и истовремено лидери на СДСМ. Ова го потврдија од три помали коалициони партнери кои биле на одделни состаноци.

Извори од СДСМ не сакаат да коментираат наведувајќи дека се уште е рано за конкретното име кое ќе го замени Заев на двете позиции, премиерска и лидерска во партијата.

Но, од помалите коалициони партнери велат дека на средбите биле споменати и поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, министерот за правда Бојан Маричиќ и македонскиот амбасадор во НАТО Дане Талески.

Министерот Маричиќ денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека тоа е шпекулација.

„Ниту сум разговарал, ниту некој ме прашал, ова освен да го означам како шпекулација ништо друго не можам да кажам“, рече Маричиќ.

Од две партии покрај Маричиќ велат дека биле споменати и некои од постарите сега политички неактивни членови на СДСМ како Гордан Георгиев и Игор Ивановски. Георгиев, поранешен потпретседател на СДСМ кога со партијата раководеше Бранко Црвенковски, веќе негираше на социјалната мрежа Фејсбук дека има такви амбиции.

„Мислев ќе стивне, како што стивнувало и претходно, но сега веќе имам должност да ги затворам сите шпекулации, инсинуации, евентуални желби и потреби кои доаѓаат од разни агли на општеството во врска со мој претпоставен ангажман (или желба) за вклучување во активна политика или на некакво раководно место во СДСМ“, напиша Георгиев на Фејсбук наведувајќи дека откако СДСМ е на власт нема никакво учество, активитет или улога во партијата.

Едно од имињата кое се споменуваше во јавноста откако за него како кандидат за премиер пишуваа германските медиуми, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, според еден од изворите на РСЕ, оценето било дека тешко ќе помине во органите на СДСМ бидејќи не е партиско лице. Сепак, двајца од коалиционите партнери велат дека не мислат оти можноста Димитров да биде премиер, а друго лице да раководи со партијата е сосема исклучена. Ваквиот став го засилуваат и со тоа што Заев го испрати вицепремиерот Димитров како негов заменик на средбата на иницијата Отворен Балкан што се одржа неделава во Белград.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски идниот премиер зависи од која стратегија ќе ја избере Заев и за наредните партиски случувања во СДСМ, а вели постојат две опции во моментов.

„Првата стратегиска опција е да го одвои премиерското место од катарзата и реформите кои следат во СДСМ по неговата оставка и тогаш профилот треба да се бара кај некој што не е директно во моментов во раководството на СДСМ. Втората стратегија е ако сака истиот да биде претседател во СДСМ и премиер тогаш ќе стави некого од сегашното раководство и тој однапред ќе биде фаворит за наредните избори за претседател на СДСМ“, вели Арсовски

РСЕ