Недостатокот на струја се покрива од ЕУ мрежата – нова хаварија го прекина производството во РЕК „Битола“

0
20

Произведува 80% од струјата што се користи во Македонија, а последниве денови РЕК Битола се соочува со секојдневни хаварии кои го препречуваат произвоството, додека земјава се наоѓа пред вратите на енергетската криза.

РЕК „Битола“ е надвор од функција, јаглен има за два дена и може да снема струја, изјави денеска на прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, од ВМРО-ДПМНЕ. Никогаш досега РЕК „Битола“, како што вели, не бил надвор од функција сред грејна сезона.

„РЕК Битола е рбетот на енергетскиот систем на земјата и гарант дека државата нема да остане без струја. Овој капацитет поради неспособноста на Владата е надвор од функција. Откако пред неколку дена се запали тансформаторот на Блок 3, утрово има проблеми и со Блок 1. РЕК за прв пат по години не произведува струја и тоа не е непланирано, туку од неспособност во сред криза кога цените на струјата на светските берзи рушат рекорди“, истакна Гордана Димитриеска Кочоска.

Од РЕК „Битола“ претходно соопштија дека, поради дефект, од синоќа е исклучен блок 1. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде повторно приклучен на електроенергетската мрежа.

„Поради дефект во котелот на блок 1, за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата. Станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скинатата цевка што се смета за лесен испад на постројката“, велат од РЕК Битола.

Од Електрани на Северна Македонија додаваат дека ги задоволуваат потребите од останатите капацитети, како и со набавената електрична енергија како резерва при вакви куси испади. Се работи и на оспособување на Блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава.

Денеска и од „Железници инфраструктура“ информираа дека се вклучуваат од логистички аспект во решевање на енергетската криза и преземаат активности да се стават во функција капацитетите за транспорт на јаглен и мазут.

„Самоиницијативно, ЖРСМ инфаструктура, како општетвено одговорна компанија, пристапија кон подготовка на железничката станица ’Никола Карев’ во близина на Битола, која моментно не е во употреба, а претставува најблиската точка за логистичка поддршка на железнички транспорт на јагленот до РЕК „Битола“, посочи Хари Локвенец.

Струјата во РЕК „Битола“ се произведува од најевтиниот, но истовемено и највалканиот начин, со согорување на лигнит, јаглен со најслаб квалитет. Дополнително во РЕК се трошат и до 35.000 тони мазут на годишно ниво. РЕК Битола е меѓу најголемите загадувачи во Европа со преку 31.000 тони испуштен сулфур диоксид на годишно ниво и 2.491 тон ПМ10 честички, правејќи ја една од десетте најсмртоносни центеали во Европа.