Османи – Идентификацијата на загинатите ќе трае седум дена

0
29
Министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со премиерот Зоран Заев и други функционери од Македонија отпатува во Бугарија по сообраќајната несреќа која се случи на автопатот „Струма“ рано утрината на 23 номеври.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи денеска во Софија имаше средба со бугарскиот главен обвинител кој е надлежен за истрагата за автобуската несреќа во која загинаа 46 лица.

Османи по средбата изјави дека за бугарското Обвинителство истрагата за несреќата е приоритет и дека се работи за што побрзо да излеат со резултати.

На средбата се зборувало за деталите околу идентификацијата и било договорено да се забрза постапката за собирање на биолошки материјал од роднините на починатите во Скопје – постапка која МНР веќе ја прави и се очекува да биде заокружена за да почне процесот на идентификација, во кој активно се вклучени и македонски експерти, рече Османи. Тој посочи дека постапката за идентификација на загинатите се очекува да трае најмалку седум дена.

Во автобуската несреќа на бугарскиот автопатот „Струма“, на 40 километри од Софија, загинаа 46 луѓе, а седум се повредени. Поголемиот дел од загинатите се македонски државјани кои од Истанбул преку Бугарија се враќаа во Македонија.

„Сакам уште еднаш да им се извинам на семејствата што не можевме да им дадеме и се уште не можеме да им дадеме индивидуални информации по однос на починатите, бидејќи мораме да го почекаме процесот на идентификацијата. Но, ги замолив денеска да се вратат во Скопје, бидејќи сепак ќе треба седум дена најмалку за да се заврши тој процес“, рече Османи пред влезот на Главниот суд во Софија.

Тој изјави дека откако ќе заврши идентификацијата на сите тела, тогаш МНР ќе ги преземе телата на починатите и ќе организира транспорт со погребални возила во Скопје, каде семејствата ќе можат да ги подигнат.

На средбата со истражниот обвинител станало збор и за шпекулациите кои ги имало во јавноста и било нагласено дека шпекулирањето ја влошувало емоционалната состојба на семејствата, рече Османи.

Министерот за надворешни работи рече дека разговарале и со преживеаните лица во болница и дека во текот на денот продолжат да разменуваат информации со македонските обвинители кои се вклучени во истрагата.

Тој наведе дека ДНК анализата ќе се врши во Бугарија, но дека исто така се работи на тоа дел од примероците да се земаат од секој починат и во Скопје за дополнителна истрага.

„Институциите се во блиска комуникација, во отворена соработка, ги разменуваат сите податоци по однос на оваа трагедија“, рече Османи