Почнаа комбинаториките за постабилно мнозинство: Заев го кани Гаши на средба

0
19

Од Алтернатива засега нема одговор дали Африм Гаши се одзвал на поканата и кога би се одржала средбата со премиерот. Од СДСМ не откриваат ниту дали четворицата пратеници на Алтернатива засега се единствена опција за модифицирање на парламентарното мнозинство или, пак, се разговара и со пратеници од други партии

Премиерот Зоран Заев го поканил лидерот на Алтернатива Африм Гаши на средба во наредните денови, односно на разговори за проширување на парламентарното мнозинство.

Висок функционер на СДСМ потврди за „360 степени“ дека Заев Заев телефонски разговарал со Гаши и дека го поканил „доколку сметаат во некој од следните денови да седнат и да разговараат“.

Ниту од СДСМ ниту од Гаши засега нема информација за повратниот одговор што го добил Заев, односно дали кај Алтернатива има расположение за средба во скоро време. Нема ниту информации дали четворицата пратеници на Алтернатива засега се единствената опција за модифицирање и за проширување на парламентарното мнозинство, по неуспешната иницијатива на опозицијата за изгласување недоверба на Владата, во која учествуваше и до скоро владејачката Беса. Или, пак, се разговара и со пратеници од други партии.

Во петокот, во интервју за „360 степени“, Гаши изјави дека сега не е добро да се оди на предвремени избори. Тој рече дека до тој момент сѐ уште не добил понуда од СДСМ, но, како што наведе, со оглед на тоа што партијата е во коалиција со Алијанса за Албанците и досега соработуваше со ВМРО-ДПМНЕ, принципиелно е прво да разговара со нив.