Почната постапка за одземање на лиценцата на „Беса Транс“, запалениот автобус патувал без меѓународна лиценца

0
20

 

Министерството за транспорт почна постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот „Беса Транс“ по сообраќајката на нивниот автобус во Бугарија во кој загинаа 46 патници бидејќи од досега добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, информираше вечерва на прес-конференција ресорниот министер Благој Бочварски.

-Опожареното возило не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски, потенцираше Бочварски.

Изразувајќи жалење за жртвите во автобуската несреќа, Бочварски посочи дека  Министерството за транспорт и врски во соработка со другите државни институции и бугарските власти максимално работи на утврдување на сите причини за настанатата несреќа.

Владата на денешната седница го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор. Контролата и надзорот над превозот на патници и стоки во домашниот и меѓународниот патен сообраќај, потенцираше Бочварски, е надлежност на Државниот инспекторат за транспорт.

Бочварски, прецизрајќи ги надлежностите на овој ресор, повтори дека превозникот до Министерството за транспорт и врски доставил барање на 18.07.2018 година заведено под број 08-4127/1 за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Кон барањето превозникот доставил уредна документација со важечки потврди за исполнување на техничко-експлоатационите услови со еуро стандард на возилата Еуро 3 стандард и Еуро 4 стандард. Исто така, доставил и список од ПИОМ на вработени возачи во редовен работен однос. Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година