Предлогот за задолжителна вакцина ги „разбранува“ синдикатите – не исклучуваат можност и за протести

0
16

По најавата од Министерот за здравство, Венко Филипче, на новите предлог-мерки за вакцинација против ковид-19, реагираа од Конфедерација на самостојни синдикати и од Сојузот на синдикати на Македонија, со став дека со мерките се кршат основните човекови права.  Додека, од Стопанската комора побараа задолжителна вакцинација и на вработените во приватниот сектор, но предлагаат и тестирање еднаш неделно  со брзи антигенски тестови кои би биле на товар на вработените.

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок реши да ѝ предложи на Владата сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работното место да прикажат потврда за примена најмалку една примена вакцина или ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. А втората предлог-мерка е вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници. 

Став за најновите мерки побаравме и од Самостојниот синдикат на вработени во универзитетски клиники, центри, клинички болници, бидејќи, доколку Владата даде зелено светло за нив, сите невакцинирани здравствени работници за 30 дена ќе треба да почнат да се имунизираат против ковид-19.

Во земјава има околу 30.000 вработени во здравството, а проценките се дека околу една третина се уште не примиле вакцина против ковид-19.

Д-р Горан Беговиќ, претседател на овој синдикат, вели:

– Лично јас како доктор ја поддржувам мерката за задолжителна вакцинација, таа треба да биде за сите, но тоа е мое лично мислење. Нема друг лек за ковид-19, за и без вакцина да може да се сузбие вирусот. Во услови кога има многу невакцинирани граѓани, се создаваат услови за постојана мутација на вирусот и затоа треба што повеќе граѓани да се вакцинираат, ова го зборувам како доктор. До мене досега лично никој од членството не се обратил во врска со новите предлог-мерки на Комисијата за заштита од заразни болести – вели за НоваТВ, д-р Беговиќ.

Тој додава:

– Во Клиничкиот центар имаме и одредени групи вработени, како хигиеничари, ракувачи со боци со кислород и други вработени, како возачи, за коишто во почетокот немаше вакцини, а се залагавме и тие да бидат опфатени со вакцинација и да се заштитат како вработени во здравството. Не сме имале некој да каже дека е против вакцинација. Повторно нагласувам – вакцината е единствен лек и добро е што ја има. Инаку, вакцинацијата е, по природниот начин – имунитет стекнат по прележувањето на вирусот, најефикасна во борба против ковид-19 и вакцините се даваат се за да го намалат дејството на вирусот, додава д-р Беговиќ.

Благоја Ралповски, претседател на КСС, од каде најавија и дека „доколку бидат прифатени предложените мерки, ќе ги искористат сите синдикални мерки што им се на располагање, за мерките да не се применуваат“.

– Притисокот врз нас денеска е толку голем по најавените предлог мерки – многу вработени ни се јавуваат. Не може без поголема кампања за вакцинација,  наеднаш да ни се наложува или вакцинација на вработените против ковид-19 или ПЦР тестови кои важат три дена. Повеќето од вработените во јавниот сектор земаат минимална плата и се на работ на опстанок, а не уште да плаќаат и за ПЦР тестови. Еве во соседството има примери и за бесплатни ковид-тестови. Има многу бурни реакции од членството и не е исклучено и да има и протести доколку предлог мерките се усвојат на Влада, вели Ралповски.

Во  Синдикатот на администрација и државна управа има околу 55.000 членови.