Пронајдено 45-тото тело од изгорениот автобус, „Беса-транс“ злоупотребувала лиценца

0
40

Нема уште еден спасен во автобуската несреќа во Бугарија. Пронајдено е 45-то тело при дополнителен преглед во изгорениот автобус, соопшти бугарскиот обвинител Сарафов. Министерството за транспорт и врски пак соопшти дека превозникот „Беса транс“ злоупотребувал извод од лиценца од друго возило

При дополнителен преглед на македонскиот туристички автобус кој изгоре на автопат во Бугарија било пронајдено уште едно тело. Со тоа бројот на жртви се искачи на 45. Оваа информација ја потврди бугарскиот заменик главен обвинител и раководител на Националната истражна служба Борислав Сарафов, објави Бугарското национално радио.

„Во 21:15 часот во трагичната ноќ преку граничниот премин „Капитан Андреево“ влегле 52 патници, од нив во автобусот пронајдовме 45, а седуммина се во болницата Пирогов. За жал нема уште еден спасен“, рече Сарафов.

Сарафов изјави дека екипа од бугарското обвинителство е испратена во Скопје и ќе остане во Македонија до недела. Тие треба во Бугарија да ја однесат документацијата поврзана со изгорениот автобус и примероци од ДНК од роднини на загинатите. ДНК профилите ќе се искористат за споредба со ДНК-профилите на жртвите, што ќе ја забрза постапката на идентификување која се очекува да трае најмалку седум дена.

Министерство за транспорт: Превозникот „Беса Транс“ свесно го прекршувал Законот

Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека превозникот „Беса Транс“ вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и свесно го прекршувал Законот.

Во соопштението се наведува дека броевите на изводи на лиценци кои се евидентирани во Царинската управа при влез и излез и со кои што се шпекулира во јавноста, во ниту еден случај на се во сопственост на опожарениот автобус на превозникот „Беса Транс“.

За опожарениот автобус превозникот „Беса транс“ немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски. Министерството има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре.

Министерството посочува дека тие не се органот што треба да каже како превозникот вршел влез и излез од земјата и дека тоа требало да го кажат меѓународните и домашните истражни органи.

Кизов: Обвинителството требаше веднаш да ја побара листата на патници

Инаку во текот на вчерашната прес конференција на бугарското обвинителство беше соопштено дека се пронајдени 44 тела, а не 45 како што првично се тврдеше. Токму затоа веднаш по прес конференцијата на бугарските колеги, главната обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска издаде усна наредба со СВР Скопје да се обезбедат листи на патници кои патувале со автобусите на „Беса транс“ на турата за Истанбул. Истата наредба ја издало и бугарското обвинителство до бугарските гранични служби.

Поранешни јавни обвинители коментираат дека реакцијата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е задоцнета и дека листата на патници требало да биде побарана уште истиот ден.

„Во една таква трагична ситуација кога имаме толку многу жртви, нормално е и обвинителите да се потресени, но сепак треба да внимаваат за да не направат понатаму некоја друга грешка. Сите активности кои се преземаат треба да се координираат меѓу двете обвинителства, македонското и бугарското. Јас сепак очекувам дека истрагата ќе се води со добра динамика“, вели поранешниот обвинител Константин Кизов.

Од „Беса транс“ се недостапни за инспекторите

Во меѓувреме Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) информираше дека вчера се обидел, но не можел да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија, бидејќи, како што изјави за МИА директорот Руфат Хусеини, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефон.

„Сега ќе доставиме писмен допис и ќе закажеме термин за да не пречека и да ја отвори канцеларијата, ако не ја прими доставницата тогаш ќе се изврши достава преку Министерството за внатрешни работи“, најави Хусеини.

Според информациите што ги добила МИА пак, ако автобусот на „Беса транс“ немал валидна лиценца за превезување патници, тој врз основа на прописите на ЕУ, не би смеел да премине граница на Европската Унија.

Европската комисија не се меша во истрагата, како што пренесува МИА, иако законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција и не е исклучено дека тие биле прекршени.

Двајцата македонски цариници пак кои го пуштиле автобусот да помине преку границата вчера беа отпуштени. Царинските службеници биле на смена кога автобусот излегол од Северна Македонија.

Инаку на турата за Истанбул на 18 ноември тргнале четири автобуси. Едниот од нив имаше несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, а останатите три истата ноќ се вратија во земјата.

Обвителство вчера соопшти дека човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“. Според првичната верзија од истрагата, дополнително за несреќата влијаеле лошата сигнализација и ознаките на патот, но и лоша организација на сообраќајот.

Причина за смртта на сите загинати е задушување од пожарот, соопштија бугарските обвинители од Државното јавно обвинителство. Тие наведоа дека обдукциите се завршени и покажале дека ниту еден патник не починал од здобиени повреди од ударот, ниту пак од експлозијата.

Несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници од Северна Македонија кои од Истанбул се враќаа во Скопје преку Бугарија. Првичните информации беа дека се загинати 46 патници, а дека седум се преживеани и префрлени во болница, а потоа во официјалните соопштенија беше наведена бројка од 45 загинати.

Ова е една од најголемите сообраќајни незгоди во Европа во последните години. Во февруари годинава во автобуска несреќа која се случи на автопатот Скопје-Тетово загинаа 16 патници.

РСЕ