СДСМ по најавите на Пецаков: ВМРО-ДПМНЕ ја пушти низ вода наводната грижа за УНЕСКО

0
17

Градоначалникот на Охрид, заедно со криминалното ВМРО ДПМНЕ, има намера повторно да го издава најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро, реагираат од владејачката партија

СДСМ реагира по најавата на новиот охридски градоначалник Кирил Пецаков дека повторно ќе се издаваат под концесија дел од плажите на охридското крајбрежје. Според владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови е градоначалникот Пецаков, се однесува лицемерно.

„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да си ја покажува својата лицемерност. Едно зборуваат кога се во опозиција, сосема спротивно зборуваат и прават кога се на власт. Само месец дена по изборите ја пуштија низ вода нивната голема грижа за Охридското Езеро, за статусот во УНЕСКО како заштитено природно и културно наследство, критиките и почнаа постапка за повторно издавање на плажите под концесии. Градоначалникот на Охрид, заедно со криминалното ВМРО ДПМНЕ, има намера повторно да го издава најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро“,

се наведува во реакцијата на СДСМ.

Според партијата, Пецаков само продолжува таму каде што ВМРО-ДПМНЕ застана пред четири години во, како што се посочува, уништувањето на македонскиот бисер.

„Ним воопшто не им е грижа за препораките од УНЕСКО, ниту за Планот за управување со светското природно и културно наследство. Централната и локалната власт, предводена од СДСМ ,во изминатите четири години со изградбата на колекторскиот систем, планот за управување со Охрид, чистењето на плажите, успеа да санира дел од штетите направени со децениската негрижа, злоупотреби и мегаломанство на ВМРО-ДПМНЕ. Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ стана локална власт во Охрид, си ја покажа дволичноста, заборави на УНЕСКО, на заштитата на Охридското езеро, покажа дека ги изигра граѓаните и нивната доверба“,

велат од СДСМ.

Претходно, Пецаков изјави дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски каде што побарал вметнување на плажите во опфатите во урбанистичките планови, за да може да се предвиди на каков начин ќе се уредуваат и издаваат под концесија. Тој побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изнаоѓање начини како плажите ќе можат да бидат издадени под концесии на јавно наддавање.