Се преговара за нова влада, најавено зголемување на мнозинството

0
45

Владините партнери едногласно велат дека парламентарното мнозинство е стабилно.Додека опозицијата бара предвремени избори веднаш.Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од надвор за најавената оставка на Зоран Заев од премиерската функција и лидерската позиција на СДСМ.

СДСМ вчера информира дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.

Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство, бидејќи има опасни планови за државата. Во име на гласовите на граѓаните кои ги освои владината коалиција кои се повеќе од гласовите на опозицијата, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори, посочуваат од партијата.

Интезивно преговараме за нова влада и сметам дека таа ќе се случи побрзо од очекуваново, најави вечерва лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски за дневникот на ТВ Сител.

Според него, ирелевантно е кој ќе биде премиер, туку важно е да продолжат политиките на Владата.

-И денес имавме средба со Заев во владата. Генерално беше прашањето да не се повлекува од функцијата, но тој е решен да биде тоа час поскоро. Сметам дека до средината на следната недела, за 10 дена ќе имаме појасна ситуација за нов мандатар. Ова ќе биде избор на нова влада, а не реконструкција, рече Милевски и додаде се очекува мнозинството во Собранието да се зголеми со плус 4 пратеници, кои најверојатно ќе бидат од редовите на Алтернатива.

Милевски смета дека во моментов не се потребни брзи парламентарни избори.

-Размислувањето на владината коалиција е терање на мандатот до крај и затоа е потребна сериозна влада, а не цело време да оди на избори, затоа што се е закочено. Трпат граѓаните. Треба да и се даде уште една шанса на владата, поправен испит, потенцира министерот.

Мицкоски, пак, побара брзи предвремени парламентарни избори кои, според него, ќе овозможат формирање стабилна влада, способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата.

-Затоа во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која оваа корумпирана Влада ја втурна, рече Мицковски