Според Максим Димитриевски, Филипче, Царовска и Спасовски треба да станат минато во СДСМ

0
14

Старо-новиот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во гостувањето на ТВ 24 посочи дека дел од луѓето што се на министерски позиции, како Венко Филипче, Мила Царовска и Оливер Спасовски, треба да станат минато во СДСМ.

Дел од нив, според него, никогаш не ни биле дел од партијата, додека други биле во СДСМ, но потоа постапувале лукративно од министерските позиции.

„Мојата партија можеби избега во една друга насока затоа што побегна од идеологијата. СДСМ отсекогаш била државотворна партија која ги носела клучните одлуки за оваа држава во најтешките моменти и изнаоѓала начин како да ги преброди сите кризи. Голем број од луѓето во раководството на СДСМ всушност никогаш не припаѓале на партијата. Во моменти дури биле многу поблиски со одредени други политички структури, успааја да се наметнат во таа лошо имплементирана кадровска политика. Конкретен ќе бидам, Фондот за здравство го водеа луѓе кои не се блиски до СДСМ. Или да го земам Филипче кој никогаш и не бил нешто близок до СДСМ. Мила Царовска која дојде од невладиниот сектор. Луѓе кои беа во СДСМ, но многу од нив лукративно потоа постапуваа од позициите кои ги имплементираа во власта. Тоа се министерските позиции, како на Спасовски и некои други. Како и да е сметам дека тие луѓе треба да бидат минато во партијата“,

рече Димитриевски на ТВ24.