Антикоруписка поднесе пријава против Хисни Исмаили

Кривична пријава до Обвинителството против поранешниот министер за култура, Хисни Исмаили поднесе Антикорупциската комисија. Антикорупционерите утврдиле дека Исмаили ги прекршил Законот за буџет и за извршување на буџет за 2020 година. Тој во еден ден потпишал околу 100 договори и анекси на договори на проекти кои биле избрани на годишниот конкурс, во износ од половина милион евра. Но тие пари не требало да се потрошат во 2020 година.

„Во членот 4 од Законот за извршување на 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единките корисници не смеат да преземаат обрски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од буџетот. И конечно во членот 37а, исто се наведува дека за извршување на буџетот на буџетскиот корисник во случајот Министерство за култура, одговорен е раководителот на буџетскиот корисник односно единката корисник.“ Врз основа на овие прекршувања ние ја подготвивме оваа иницијатива исто како што реков е веќе доставена до Јавното обвинителство на натамошно постапување“, рече Владимир Георгиев, член на ДКСК.

Пријавата од Антикорупциската комисија веќе стигнала во Обвинителството.

„Пријавата за која покажувате интерес до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е пристигната кон крајот на минатата недела и веднаш е распределена кај надлежен обвинител“, наведоа од Обвинителството.

Исмаили беше министер за култура една година, од јуни 2019 до август 2020 година. Антикорупциската комисија се сомнева дека тој направил кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување за склучените договори на само еден месец пред да ја напушти функцијата. Се работеше за годишни конкурси за финансирање на проекти од национален интерес. Централното претседателство на Алтернатива во саботата одлучи токму Исмаили да го предложи за потпретседател на Собранието откако партијата прифати да биде дел од владината коалиција.