Бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека ќе се формираат нови работни групи со Северна Македонија

Политичките изјави на Бугарија, на последниот ден од Советот за општи работи на ЕУ, водат сè поблиску до заклучокот дека во декември нема да има датум за Северна Македонија, како резултат на бугарското вето. Новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков по првата владина седница во Софија изјави дека во телефонски разговор со премиерот Зоран Заев договориле брзо формирање работни групи кои до почетокот на следниот месец ќе изготват акциски план.

„Ќе се структурираат што е можно поскоро и се надеваме дека на почетокот на јануари ќе имаме јасен план какви ќе бидат тие групи. Ќе вклучиме повеќе култура, инфраструктура, економија, како надополнување на историјата. Треба да направиме акционен план и на почетокот на јануари овие групи да имаат реални резултати, да даваат идеи за да продолжиме со преговорите со пооперативен план.

Премиерот Заев му се јавил на Петков за да му го честита изборот за премиер. Вели дека страните се договориле да ги интензивираат преговорите.

„Се договоривме да продолжиме да работиме за изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ и за нов поттик за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји, во име на заедничката европска иднина“.

Во меѓувреме, Советот за општи работи на ЕУ денеска продолжува со работа до вечерните часови. Заклучоците се очекува да се дознаат по завршувањето на работната седница. Новинската агенција МИА веќе ја објави неофицијалната нацрт верзија на заклучоците на Советот.

„Советот со нетрпение очекува да ја одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро оваа година, откако ќе биде одобрена преговарачката рамка од Советот“.

Словенија, која претседава со ЕУ до крајот на декември, потврди дека проширувањето е дел од нацрт-заклучоците на состанокот, но не се знае дали земјите-членки ќе се договорат за тоа.

„Проширувањето и стабилизација-асоцијацијата исто така ќе бидат дел од дебатата денеска. Ги имаме нацрт-заклучоците на маса и ќе видиме што можеме да постигнеме. Да се надеваме на најдоброто. На крајот на краиштата би бил добар сигнал доколку успееме да постигнеме договор“.

Шефовите на земјите-членки ќе се сретнат на 16 и 17 декември на Самитот на ЕУ.