В година ќе се прави проект за жичарница Тетово-Попова Шапка, се очекуваат понуди и за вештачки снег

Вечерва официјално ќе се пушти во употреба новото осветлување на патеката за ноќно скијање на што ќе присуствува и министерот Бектеши кој зборувајќи за развојот на Попова Шапка рече дека сè уште се разгледуваат понудите кои се однесуваат и на јавно-приватно партнерство, но и на целосна приватизација како и друг вид на понуди

Ќе се прави идеен проект за жичница од Тетово до Попова Шапка, за кој се предвидени пари во буџетот на ЕЛЕМ Турс за наредната година, најави денеска директорот Адем Авзиу. Тој вели дека се во постојана комуникација со министерот за економија Крешник Бектеши и дека станува збор за огромен проект.

„Јас можам да најавам дека веќе за годишниот план за јавни набавки за 2022 година има предвидено средства околу идејниот проект за жичарницата. Тоа е огромен проект, голема инвестиција за којашто треба и поголеми средства и време за реализација бидејќи не е едноставно, тоа е многу сериозна и обемна работа“,

изјави Авзиу.

Според неговата изјава, во наредниот период се очекуваат и понуди за вештачки снег.

„За вештачкиот снег имавме претставници на фирма од Италија. Ги очекуваме нивните првични понуди и проценки за воведување на вештачки снег на ски-стазите ’Поток 1‘, ’Поток 2‘ и ’Аеродром‘. Договорени бевме до крајот на месец декември да имаме првичен предлог колку би можело тоа да чини и како би можело тоа да се реализира“,

вели Авзиу.