Гостиварскиот огранок на ДУИ го обвинува Таравари за неисплатени плати на наставниците

Огранокот на Демократската унија за интеграција Гостивар ја обвини локалната самоуправа за лошо менаџирање со буџетот што придонело за доцнење на ноемвриските плати на вработените во образование. На прес-конференција првиот човек на огранокот Башким Хасани јавно праша кога наставниците во Општина Гостивар ќе ги добијат парите.

– Тоа е феномен кој првпат се случува, блок дотациите од централно ниво да се дезориентираат и наставниците да останат без плати. Блок донациите претставуваат средства обезбедени од Министерството за образование и наука, во овој случај за платите на наставниците. Арбен Таравари со својата неспособност не успева ниту да ја игра улогата на посредник и да спроведе процедурална работа, рече Хасани на прес – конференцијата во седиштето на партијата во Гостивар.

Тој посочи дека градоначалникот Таравари треба да ја признае грешката од која најмногу штета трпат семејните буџети на наставниците.

Според Хасани, првиот човек на Општина Гостивар повеќе внимание посветил на политиките кои се водат на централно ниво и не водел грижа за проблемите во општината.

– Оваа неодговорност на Таравари, посакуваме да не се повтори повеќе, бидејќи цената не ја плаќа ЛЕВИЦА туку плаќаат наставниците кои ги учат и едуцираат децата од нашиот град, рече Хасани и додаде ова е последен момент за Таравари да ја напушти големата политика и да се врати на функцијата градоначалник.