ДКСК: КОРУПЦИЈАТА ЦВЕТА ВО СИТЕ СФЕРИ

Корупцијата има свои длабоки корени во сите сфери на општеството, почнувајќи од урбанизмот, градежништвото, правосудството, изборните процеси, управувањето со отпадот, доделувањето на лиценци и дозволи во транспортот, ова се само дел од областите кои ги нотираше ДКСК во изминатите неколку години.

Антикорупционерите на денешниот „Меѓународен ден за борба против корупција“посочија дека постои висок ризик на корупција и кај политичките елити кои искористувајќи ја позицијата на моќ го разграднуваат системот на вредности и компетенции.

„Морам да истакнам дека овие наши заложби не го даваат очекуваниот резултат пред се поради фактот што се уште се високи ризиците од корупција што ги детектиравме при подготовка на Националната стратегија од пред повеќе од две години. А тоа се, силно политичко влијание, неказнивост, нетранспарентност, и злоупотреба на дискреционите овластувања. Поради постоење на овие ризици не се целосно испочитувани препораките и укажувањата кои ДКСК ги упатува кон останатите институции во системот. Па така, се уште сме сведоци на партиски пазарења за високи раководни позиции кои инаку треба да с епополнат преку јавни огласи фер конкуренција и МЕРИТ систем.“ – вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

За 3 години, ДКСК донела одлуки по вкупно 1.192 предмети, од нив 676 биле од областа на корупцијата, 281 од областа на судир на интереси, 79 одлуки се однесуваат на непочитување на законските одредби за време на изборниот процес , а 156 одлуки се однесувале на проверка на имотот на функционерите.

„Сведоци сме на смена на директори поради политички реваншизам, сведоци сме на вработувања според познати шеми на непотизам, клиентелизам и кронизам. ДКСК повеќе пати укажа дека овој начин на дејствување на политичките елити го поткопува интегритетот на институциите и ја намалува довербата на граѓаните во нив. А извозот на образовен човечки капитал во странство е во постојан пораст. “-вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Дополнително, антикорупционерите посочија дека покренале и над 1.128 постапки по сопствена иницијатива а истовремено примиле и разгледале близу 2.400 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење корупција, злоупотреба и судир на интереси, дополнително извршено е и антикорупциска проверка на 17 закони .

24 вести