Државата им дала 90 милиони евра субвенции на малите хидроцентрали за струја која чинела речиси дупло поефтино на пазарот

Малите хидроцентрали лани произвеле само 4 проценти од вкупното домашно производство на струја, а од 2020 до 2021 за тоа добиле 90 милиони евра што е за 41 милион евра повеќе од пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи врз основа на договор со важност од 20 години, а на товар на крајните корисници, открива ревизијата.

Многу неправилности во работата на државните институции открива ревизијата на усогласеност на темата “Експлоатација на водни ресурси при производство на екектрична енергија за периодот од 2012 до 2021 година. Ревизијата открива и дека малите хидроелектрани не уплатиле 22.8 милиони денари на име надоместок на водно право. Дури 17 мали хидроцентрали од основањето до денес не уплатиле ниту денар.

– На денешниот ден ќе имаме можност да ги презентираме утврдените состојби од страна на ревизорскиот тим за извршената ревизија на усогласеност на експлоатација на водните ресурси при производството на електрична енергија, малите хидроелектрани за периодот од 2012 – 2020 година каде како ДЗР имаме утврдено поголем број на препораки за изменување на состојбата, но во исто време и заштита на животната средина која претставува една од клучните цели за одржлив развој донесени од Обединетите Нации, изјави главниот државен ревизор Максим Ацевски.