Жртвите од несреќата во Бугарија достојно испратени до вечните почивалишта

Телата на 45 жртви од автобуската несреќа во Бугарија денеска пристигнаа на аеродромот во Скопје. На церемонијата присуствуваше државниот врв и гости од странство. Посмртните останки потоа беа префрлени до нивното вечно почивалиште. Граѓаните им одаваа почит на жртвите на плоштадот Скендербег.

Посмртните останки на 45 жртви од автобуската несреќа во Бугарија со два воени авиони беа донесени на аеродромот во Скопје каде беше организиран државен дочек. Припадници на армијата најпрвин ги префрлија посмртните останки во погребални возила, по што почит на жртвите со положување на венци со цвеќе на пистата им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби. Присуствуваа и поглаварот на Исламската верска заедница и други претставници на власта.

На церемонијата имаше и гости од странство, односно почит на жртвите им искажаа и претседателката на Косово, Вјоса Османи, министерот за внатрешни работи на Албанија, Бленди Чучи, претседателката на албанскиот Парламент, Линдита Никола и други.

Посмртните останки со погребални возила потоа беа префрлени до нивното вечно почивалиште, бидејќи на барање на семејствата на жртвите беше откажана првично најавената поворка која требаше да помине низ главниот град.

Идентификацијата на телата беше извршена врз основа на ДНК примероци од роднините на жртвите. Полетувањето на авионите беше пролонгирано поради лошите временски услови во Софија. На плоштадот „Скендербег“ во Скопје беа поставени венци пред кои граѓаните им упатија последен поздрав на загинатите.

„Воопшто не ги познавам. Меѓутоа сочувствувам со нив. Јас имам мое дете и на него би можело да му се случи, далеку од тука“, рече Имране Сулејмани, граѓанка на Скопје која им оддаде почит на жртвите.

Таа упати апел и дека треба повеќе да се внимава на луѓето и тие треба да се стават на прво место.