КАСАМИ: ПРОДАВАЧИТЕ ОД ТРОТОАРИТЕ СЕ СМЕСТИЈА НА ТЕЗГИ ВО ТЕТОВСКИОТ ЗЕЛЕН ПАЗАР

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами оцени дека успешна била намерата да се отстранат импровизираните тезги на продавачите околу пазарот и тие да вршат трговија во внатрешноста на објектот. Пред една недела општината упати апел и им препорача на продавачите да ги користат над 100-те слободни тезги во внатрешноста на зелениот пазар наместо да бидат со производите на тротоарите и јавни површини околу зелениот пазар.

-По една недела денеска заврши акцијата за распоредување на продавачите околу зелениот пазар. После тоа, јас лично го посетив пазарот, каде разговарав лице в лице со продавачите кои се сместени во тезги кои се евтини и достапни за продажба на производи. Има и многу други бесплатни тезги и се надеваме дека во најбрз можен рок сите продавачи ќе бидат поставени на вистинските места согласно прописите и законот. Им благодариме и на продавачите за разбирањето и соработката со општина Тетово, стои во пораката на Биљал Касами на социјалната мрежа Фејсбук.

Пред една недела општината најави дека ако се затекнат продавачи надвор од пазарот ќе им ги одземе продажните продукти и дека ќе вршат постојани контроли за заштита на јавните површини. Според најавите на општината улица „120“ која е една од пристапните делници до пазарот ќе се користи за зонско паркирање.