Ковачевски од Пендаровски го доби мандатот за формирање Влада

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска го доби мандатот за состав на нова влада од шефот на државата Стево Пендаровски. По добивање на мандатното писмо, Ковачевски рече дека веднаш започнува да го формира тимот кој ќе треба да одговори на сериозните предизвици кои нè чекаат уште од почетокот на следната година. Ковачевски планира предлог составот на владата да биде поднесен на 11 јануари, а новата влада повеќе да се посвети на економската и внатрешната политика во државата. Тој смета дека може да се најде решение за спорот со Бугарија, почитувајќи го достоинството на двете држави и дека го очекува премиерот на Бугарија, Кирил Петков во Скопје, за да разговараат околу начинот за решавање на проблемот

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во претседателскиот кабинет, во вила „Водно“, му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, врз основа на членот 84 од Уставот и известувањето за предлогот за мандатар, доставено од СДСМ, а поддржано од политичките партии во состав на коалицијата, кои заедно го имаат мнозинството во Собранието.

По добивање на мандатното писмо, Ковачевски рече дека веднаш започнува да го формира тимот кој ќе треба да одговори на сериозните предизвици кои нè чекаат уште од почетокот на следната година. Истакна дека главна одлика на новиот тим ќе биде чесното владеење.

-Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и институциите. Мора сите заедно да се стремиме во градење независни институции и правично општество ако сакаме да ни веруваат оние на кои им служиме. Новата Влада јасно ќе ги дефинира приоритетите за работа. Секоја минута од нашето време во Владата мора да ја посветиме на клучните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, на оние проблеми за кои секојдневно зборуваат и коишто ги мачат, а тоа е економската несигурност и животниот стандард. Најавувам силен фокус на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата, рече Ковачевски, додавајќи дека политичките поделби и бескрајните расправии прават голема штета на развојот и реализацијата на реформи и затоа мора да се обединиме сите.

Ковачевски, вчера во телевизиско интервју рече дека планира предлог составот на Владата да биде поднесен на 11 јануари, по што согласно роковите, да биде закажана седницата за избор на новата влада. Тој има намера повеќе да се посвети на економската и внатрешната политика во државата, за разлика од неговиот претходник во партијата и во Владата, Зоран Заев.

Околу спорот со Бугарија порача дека историјата не може да биде единствена тема на разговор меѓу две соседни држави.

– Со Бугарија треба да разговараме и за иднината, иднина преточена во инвестициски проекти, во инфраструктурни проекти, во економска и културна соработка. Тоа ќе ги зближи граѓаните а ќе донесе и економски придобивки за граѓаните, преку зголемената економска соработка. Така што нормално е да разговараме на тие теми, нормално е да имаме стручни работни групи по тие теми, посочи Ковачевски.

Тој смета дека може да се најде решение за спорот со Бугарија, почитувајќи го достоинството на двете држави и дека го очекува премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во Скопје за да разговараат околу начинот за решавање на проблемот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера изјави дека согласно целата постапка за избор на нова влада, таа би ја преземала функцијата на 17 јануари 2022 година. Тој изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, сите преговарања што се направени претходно и сите најави по однос на евентуални поединечни персонални решенија кои беа изнесени во јавноста.

– Во моментот кога ќе се добие персоналниот состав и програмата на владата, тогаш почнува рокот на Собранието, во рок од 15 дена од тој момент да се свика седница за избор на влада. Седницата трае два дена. Вториот ден, пред 24 часот треба да се гласа за нова влада и очекувам некаде 10 – 11 да добијам предлог состав на владата и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои се во Собранието, да се определи датум за одржување седницата. Најверојатно тоа ќе биде 15, 16 јануари, односно ако се добие предлогот на 10-11, 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16, пред 24 часот да се изгласа новата влада, која на 17 изутрината би ги презела функциите во министерствата, односно во владата како тим со мандати и со сите овластувања коишто произлегуваат од одлуката со избор, појасни Џафери.

За да биде избран, за предложениот владин кабинет на Ковачевски треба да гласаат најмалку 61 пратеник во Парламентот. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека не очекува никаков пресврт во однос на политиките на Владата предводена од Ковачевски. Тој претходно посочи дека главните потези во владата на СДСМ ги има Али Ахмети и ДУИ, посочувајќи дека „15 пратеника на ДУИ владеат со 120 и со државата“.

Вечер