Косовски министер најави посета на затворениците од „Диво Насеље“, од правда демантираат

Нухиу демантира- во телефонски разговор за Канал 5 одговори дека средба меѓу заменик министерот на Косово и затворениците со косовско државјанство нема да има

Косовскиот заменик министер за правда тврди дека утре ќе ги посети осудените од случајот Диво Насеље во македонските затвори. Блерим Салаху во телевизиско интервју синоќа кажа дека потврда за таквата средба со косовските државјани добил од неговиот колега во Македонија, заменик министерот за правда Агим Нухиу, а дополнително ќе барал и подобрување на условите каде што тие ја издржуваат затворската казна. Потребно е целосно да се расветли случајот, да се разјаснат дилемите кој го организираше тоа што се случи, рече Салаху за дводневната крвава пресметка од 2015та во Куманово, во која загинаа осум македонски специјалци и 14 осомничени терористи.

– Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, значи ние имаме обврски кон државјаните на Косово. Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме во четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната Влада за да создадат подобри услови, вели Блерим Салаху- заменик министер за правда на Косово.

Нухиу демантира- во телефонски разговор за Канал 5 одговори дека средба меѓу заменик министерот на Косово и затворениците со косовско државјанство нема да има. Во посетата на Салаху биле предвидени само средби со него и со раководството на Идризово.

-Салаху ќе има средба со мене и со директорите на затворите во земјава. Ја продолжуваме соработката меѓу министерствата. Не е точно дека ќе има непосредна средба со затворениците од случајот Диво Насеље. За таквите средби има посебни процедури по дипломатски пат, но нема побарано и нема да оствари, вели Агим Нухиу – заменик министер за правда на Македонија.

Изјавата на косовскиот заменик министер Салаху доаѓа во период кога неколку судски случаи, меѓу кои и Диво Насеље, се актуелизираат од политичките партии во Македонија. Африм Гаши од Алтернатива побара, а премиерот Зоран Заев потврди дека Владата ќе побара експерти од Европската Унија кои би направиле ревизија на предметите кои според Алтернатива, добиле политички монтирани пресуди. Сепак, од Европската комисија на прашање на Канал 5 одговорија дека службено барање од македонската Влада немаат добиено, и затоа не сакаат да коментираат.