Крај на пандемијата за шест месеци, предвидува доктор Пановски

По детектирањето на првиот случај на омикрон во државата, лекарите апелираат на претпазливост.

Иако првичните укажувања се дека овој сој на коронавирусот е послаб од делта сојот, епидемиолозите сепак предупредуваат дека тој се шири многу побрзо.

Во пресрет на новогодишните празници, тие повикуваат да се избегнуваат групирања и алармираат дека е неопходно да се воведат одредени ограничувања за влез во земјата, со цел да се забави ширењето на вирусот. Надлежните, пак, сметаат дека засега нема потреба од воведување нови рестрикции.

Микробиологот Никола Пановски смета дека по шест месеци ќе имаме сезонска форма на болеста, најчесто со клиничка слика на настинка, по појавата на варијантата омикрон.

-Брзото ширење на омикрон варијантата ќе доведе до крај на пандемијата во рок од шест месеци. Прашање е каков ќе биде тој крај? Тоа зависи од тоа колку оваа варијанта ќе биде вирулентна“, вели Пановски за „Дојче Веле.

Тоа што се знае, вели тој, е дека овој сој не дава потешка форма на болеста, но прашање е дали и колку предизвикува полесна форма на болеста и намалена смртност.

-Ако се повтори нешто слично како во ЈАР, тогаш ќе имаме крај на пандемијата со многу случаи, но со малку починати. Се разбира, ова зависи и од процентот на вакцинација, почитување на мерките, оптoвареноста на болниците итн. По шест месеци ќе имаме сезонска форма на болеста, најчесто со клиничка слика на настинка, верува Пановски.