Луѓето ни бегаат во држави каде што има неселективна правда, порача Пендаровски во Собранието

Со едноминутен молк за оддавање почит на жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, пожарот во модуларната болница во Тетово и сите сограѓани кои ја загубија битката со ковид-19 оваа година, претседателот Стево Пендаровски го почна годишното обраќање во Собранието.

Исклучително ми е тешко, втора година по ред, да го започнувам моето годишно обраќање во Собранието со оддавање почит на нашите граѓани кои повеќе не се меѓу нас. Серијата ужасни лични трагедии и колективни трауми на нацијата треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции, затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор, системски пропусти или прекршени правила“,

рече Пендаровски.

Во обраќањето, претседателот се осврна на неколку аспекти, меѓу кои првиот беше владеењето на правото кој го потенцираше како најважен приоритет на државата, независно од нашето темпо на приближување кон ЕУ.

„И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај“,

рече Пендаровски.

Со неселективноста на правдата, според него, ќе се надмине општествената апатија и разочарување особено меѓу младите кои не веруваат дека во оваа држава може да има правда. Многу истражувања, потсети претседателот, потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот.

„Со други зборови, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето што се истуркани на периферијата на животот“,

рече Пендаровски.