Милиони Германци работат без да земат ниту евро

Помеѓу 16 и 29 милиони Германци се вклучени во волонтерски иницијативи. Тие работат како пожарникари на доброволна основа, помагаат во грижата за постарите и бездомните животни или тренираат млади фудбалери. Во текот на летото, стотици луѓе доброволно се пријавија да им помогнат на настраданите од поплавите.

Милиони луѓе во Германија се вклучени во различни волонтерски иницијативи. И оваа работа е „неопходна за јавна кохезија и зајакнување на демократските вредности”, како што велат од МВР.

Особено често младите работат на доброволна основа.

Една неодамнешна анкета покажува дека 36 отсто од младите во Германија се вклучени во различни општествени активности, иако тоа не е секогаш алтруистичко. На пример, оние кандидати кои имаат доброволна социјална посветеност имаат поголема веројатност да добијат стипендии во високото образование.

Други истражувања покажуваат дека во групата над 40 години пензионерите се најактивни во социјалниот ангажман. За многу компании нивното искуство и знаење се исклучително вреден капитал.

Волонтери во противпожарни служби, во засолништа, за време на избори

Доброволно ангажирање е можно во многу различни области – во заштита од пожари, во организација и спроведување на избори, во различни едукативни иницијативи за бегалците, во грижата за бездомните животни. Сепак, повеќето луѓе во Германија се вклучени во спортски клубови.

Освен што е од јавно значење, доброволното служење има и реална економска димензија. Според проценките на германскиот центар за старост, грижата на бабите и дедовците во пензија само за нивните внуци или други деца се проценува на речиси 18 милијарди евра. Покрај тоа, постојат многу други доброволни обврски во општеството во различни културни, социјални и општествени сфери. Учеството на експерти во Постојаната комисија за вакцинација на германската Влада, на пример, е исто така доброволно.

Во детските фудбалски клубови, тренерите често се волонтери

Придонесот на волонтерите во сите овие области тешко може да најде прецизен паричен израз. Сепак, јасно е дека многу сфери на јавниот живот воопшто не би можеле да функционираат без доброволната посветеност на луѓето: на пример, родителите кои се занимаваат како фудбалски тренери за мали деца обезбедуваат незаменливи услуги за развој на спортот.

Волонтерите не можат да ги заменат вработените со полно работно време

Всушност, секое општество е зависно од т.н. социјален капитал. Станува проблематично кога волонтерите почнуваат се почесто да го заменуваат персоналот. Во домовите за стари лица во Германија, на пример, има огромен недостиг од негуватели, што често се компензира со работата на луѓето кои работат бесплатно.

„Особено е горчливо што такво нешто се случува се почесто поради притисокот за штедење и големата конкуренција во здравствените и социјалните системи за хронично болните и лицата со инвалидитет”, изјави Илсе Милер, претседателка на Федералниот сојуз на здружението на рехабилитатори. Здружението смета дека општеството треба да покаже поголемо признание за работата на волонтерите.