Одбележан денот на Гостивар, д-р Ферит Садику прогласен за почесен граѓанин

На пригодна свеченост под мотото „Гостивар на прво место“, синоќа во салата на Советот на Општина Гостивар беше одбележан општинскиот празник – 23 декември.

Пред присутните, меѓу кои беа претседателот на државата Стево Пендаровски и поранешните градоначалници Енвер Зенку и Џемаил Реџепи, беше презентиран видеоматеријал во кој беа претставени над 100 проекти во кои инвестирала Општината.

Во обраќањето градоначалникот Арбен Таравари се заблагодари на неговите претходници, за кои како што рече дале многу за развој на градот и демократијата.

– На денот на Општината, сакам искрено да им се заблагодарам на секој од моите претходници. Тие во многу тешки времиња платија висока цена за да ја заштитат слободата и демократијата на градот. Затоа им благодарам на секој еден од нив, дури и на оние кои покажаа како не треба да се работи. Сите тие се градоначалници и историјата ќе ги запише на своите страници, рече Таравари.

Тој во обраќањето напомена дека како симпатизер на американскиот Устав, нема да се кандидира за трет мандат, бидејќи смета дека два се доволни.

На свеченоста, со признанието „почесен граѓанин“ беше одликуван лекарот во пензија, Ферит Садику, а благодарници за промоција на Гостивар добија Кимет Јусуфи, Ведут Пурде и Марија Милошевска за меѓународни достигнувања и светскиот првак во модерен танц Анди Исмаили за меѓународни достигнувања во уметноста.