Петков: Ќе ја надградиме позицијата кон Македонија, но ќе опстоиме на националните интереси

Бугарската позиција во однос на Македонија останува таква каква што е, но ќе се надгради, најави Кирил Петков кој ќе предводи новата бугарска влада откако денеска ги претстави сите министри во неговиот кабинет.

Новата бугарска Влада ќе усогласи заеднички став со коалициските партнери, но, како што рече Петков, од добрососедството многу корист ќе имаат и Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Според Петков, тоа може и треба да се направи врз основа на заедничко почитување и доверба.

„Тоа треба да се направи преку добра комуникација со коалициските партнери и со многу работи“, рече Петков.

Петков кажа и дека бугарската позиција останува таква каква што е сега, но мора да биде наградена.

„Не сакаме да продолжуваме само со фрази од едната и од другата страна на границата, туку сакаме да седнеме и да работиме со тимови на различни теми за да се увериме дека преку заедничка работа и комуникација се движиме кон добрососедство. Но, ќе опстојуваме на нашите национални интереси“, порача Петков.

Во зградата на Народното собрание на Бугарија, идниот премиер предмалку, пред медиумите, го претстави составот на новата бугарска Влада, која ќе биде коалициска и ќе вклучува четири партии и коалиции. Ќе има пет вицепремиери и 17 министри.

Министер за надворешни работи ќе биде Теодора Ганчевска од партијата Има таков народ на Слави Трифонов, а досега беше советник во администрацијата на бугарскиот претседател Румен Радев.