Почна скијачката сезона на Попова Шапка, прв пат во рамки на новиот национален парк Шар Планина

Со промотивниот настан „Шарска белина – Шарска убавина” денеска на Попова Шапка се означи почеток на зимската скијачката сезона во новиот Национален парк Шар Планина, а беше промовиран планот за управување со националниот парк. Претставниците на надлежните институции имаа пригодни обраќања, а се одржаа и културно-забавни активности.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека националниот парк и ски-ресорт во иднина ќе бидат места каде ќе се практикуваат решенија  базирани на природата како начин за заштита на автентична природа.

На крајот на годината свечено го одбележуваме успешното прогласување на нашиот национален парк Шар Планина. Истовремено, за прв пат ја отвораме скијачката сезона на Попова Шапка како ски-ресорт во негови рамки. Денеска практично презентираме и промовираме како е возможно зачувување на нашите природни вредности и одржлив екононски развој. Морам да истакнам дека чувствувам гордост да бидам прв министер за животна средина кој во овие триесет години независност имам чест да се обратам на свечено одбележување на прогласување на нов национален парк-четвртиот ваков парк во земјата. Овој историски успех е резултат на долгогодишни напори на многу чинители за баланс на потребите на човекот и природата и опстанокот на ретки и ендемични видови. Исто така и одраз на позиционирањето на заштитата на животната средина високо на политичката агенда, користење на природниот потенцијал за одржлив развој на целиот регион е мојата визија за тоа како треба да изгледа социо-економскиот развој, изјави Насер Нуредини.