Притворен човек кој седум пати се вакцинирал против ковид-19 за други луѓе во Словенија

Во Словенија бил притворен маж кој во изминатите два месеци седум пати се вакцинирал против ковид-19, а кривично ќе одговараат уште четворица други, на чие име се вакцинирал човекот за да може да добијат ковид-сертификати.

Хина, повикувајќи се на словенечките медиуми, објави дека тие се товарат за манипулација при вакцинацијата, зашто намерно ги довеле во заблуда здравствените власти за да им издадат ковид-потврди. Тие може да добијат до три години затвор.

Според полицијата, четворицата мажи кои не сакале да се вакцинираат, за пари ангажирале лица со социјални потреби, кое во различни центри за вакцинација, се вакцинирало користејќи ја нивната здравствена легитимација. Човекот бил уапсен при осмиот обид за вакцинација и сега се наоѓа во притвор.

„Лицето за тие вакцинирања од другите четворица осомничени, кои ги искористиле неговите потреби и околности во кои живее, добило ниска парична награда, а тие го навеле на кривично дело, не водејќи сметка за неговото здравје“, стои во соопштението на словенечката полиција.

Здравствените власти засега не се огласија со коментар колку повеќекратното вакцинирање може да биде опасно и какви последици би имало тоа лице.

Првите случаи на слично лажирање на ковид-статусот во Словенија беа забележани во септември, кога во Љубљана беа пријавени повеќе случаи на луѓе, на кои им бил потребен ковид-сертификат, а не сакале да се вакцинираат, за тоа ангажирале други луѓе за пари.

Обично таа работа ја прифаќале сиромашни лица, бездомници или зависници од дрога, а за една примена доза вакцина им биле плаќани по 150 евра, пренесува Хина.