Протече документ на американските служби: Русите ќе ја нападнат Украина со 175.000 војници?

Не стивнуваат тензиите меѓу Москва, Киев и Вашингтон поради шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин подготвува инвазија на Украина. Сега американската разузнавачка служба објави свои сознанија за плановите на Русија за офанзива што би била изведена на повеќе фронтови, со до 175.000 војници – и тоа можеби веќе на почетокот на следната година.

Разузнавачкиот документ со мапа за можна инвазија, насловен „Потенцијал за 175.000 руски сили во близина на Украина: Докази за планирање и неодамнешно движење на артилерија, опрема и луѓе“, е добиен и објавен од Вашингтон пост, за што добил и потврда од американски официјални лица.

Веќе извесно време е познато дека Русија натрупува сили долж границата со Украина – било онаа „старата“ граница, долж источната украинска провинција Донбас, која веќе седум години, поголемиот дел, е под контрола на руски сепаратисти, или онаа „новата“ создадена од руската окупација и последователната анексија на полуостровот Крим.

Според проценките на украинската војска, бројот на руските војници долж украинската граница во моментов се движи околу 94.000 – што веројатно не е доволно за успешна инвазија, но може да биде основа за подготовка за инвазија за многу кратко време.

„Руските планови предвидуваат воена офанзива на Украина уште на почетокот на 2022 година, со сили двојно поголеми отколку што ги видовме минатата пролет за време на вонредните руски (воени) вежби во близина на украинската граница. Плановите вклучуваат опсежно движење на 100 тактички баталјонски групи со околу 175.000 луѓе, заедно со оклоп, артилерија и опрема“, изјави претставник на администрацијата за Вашингтон пост, под услов да остане анонимен за да може да изнесе чувствителни информации.

Некласифицираниот документ на американската разузнавачка служба објавен од овој американски весник, а кој вклучува сателитски фотографии, прикажува руски сили кои се групираат на четири места. Во моментов на боиштето се распоредени 50 тактички групи, заедно со „новопристигнати“ тенкови и артилерија, се вели во документот.

Во документот на американското разузнавање се наведува помал број на руски војници од проценката на нивните украински колеги. Според американската проценка, таа бројка во моментов е околу 70.000, но

Американците предвидуваат пораст и до 175.000, а истовремено предупредуваат на опсежното движење на баталјонските тактички групи до и од границата „за да се прикријат намерите и да се создаде неизвесност“.

Американската анализа за руските планови делумно се заснова на сателитски снимки „кои ги прикажуваат новопристигнатите единици на различни локации долж границата со Украина во текот на изминатиот месец“, рече претставникот.

Разузнавачкиот документ, исто така, сугерира дека руските сили можеби оставаат опрема во објекти за обука за да овозможат брз почеток на напад врз Украина.

„Опремата може да се остави на различни полигони за обука за да се овозможи брза, конечна подготовка (за инвазија)“, се додава во документот.